Во основните и средните училишта во градов недостасуваат дефектолози и логопеди

Директорите на училиштата во градов бараат да се ангажираат дефектолози и логопеди во нивните образовни институции. Само во четири од нив има ваков стручен кадар, а потребата постојано расте. Од Локланата објаснуваат дека прават напори Министерството за финансии да даде зелено светло за нови вработувања.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Во основните и средните училишта во градов недостасуваат дефектолози и логопеди. За жал потребата од ваков кадар се повеќе расте бидејќи расте и бројот на деца кои имаат проблем во психичкиот развој или пак имаат некаква говорна мана. Директорите велат дека постојано бараат од Локалната и од министерствата да се примат вакви лица кои ќе можат на децата да им пружат соодветно внимание а со тоа ќе имаат и подобри резултати во образованието. Во ОУ „Христо Узунов“ неодамна добиле дефектолог што во голема мера ја олеснило работата со децата кои имаат пречки во развојот, но имаат потреба и од логопед и дефектолог наставник.

Имаме аплицирано и за дефектолог наставник  и се надеваме дека во догледно време ќе добиеме и ваков кадар. На тој начин ќе можеме да формираме и цела паралелка во која ќе учат деца со посебни потреби кои без проблем ќе ја следат наставата, вели Тони Симоноски-директор на ОУ „Христо Узунов“.

Во Оу Св. „Климент Охридски“ имаат посебна паралелка за децата кои имаат пречки во развојот. Таму се ангажирани двајца дефектолози , а од минатиот месец ангажирале и дефектолог во инклузивна настава и логопед.

Искрено сите училишта имаме потреба од такви лица со цел да се подобри  целиот образовен систем. Ние за среќа имаме ваков кадар но секогаш нешто недостасува, вели Јордан Пуроски-директор на ОУ Св. „Климент Охридски“.

Од Локалната признаваат дека недостигот на дефектолози и логопеди во училиштето претставува проблем. Од таму кажуваат дека во општинава има само седум вакви стручни лица кои работат во училиштата во градов. Неодамна биле примени тројца.

Ние правиме напори за да се зголеми бројот на дефектолози и логопеди, но засега е тоа што можеме да направиме . Се надеваме дека со новите вработувања барем малку ќе се пополни празнината од ваков кадар, а остануваат заложбите и понатаму да бараме од Министерството за финансии да даде зелено светло за други вработувања, вели Томе Џамтоски-портпаролот на Локалната самоуправа.

Моментално дефектолози има во Св. „Климент Охридски“, во ОУ „Христо Узунов“, во ОУ „Братство единство“ и во СОУ „Ванчо Питошески“. Сите останати училишта имаат поднесено барања за примање ваков кадар.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top