Во охридските училишта започна новата учебна година

Во охридските основни и средни училишта започна новата учебна година. Најавениот штрајк од страна на СОНК не се реализира. Од утре ќе се работи по зацртаниот распоред на часови.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Во охридските училишта започна новата учебна година. Најавениот штрајк од страна на СОНК не се реализира, па новите првачиња во охридските основни училишта беа пречекани од нивните учителки. Во школскиот двор и ходниците на основното училиште „Христо Узунов“ утринава можеше да се забележи раздвиженост. Учениците дојдоа на првиот училиштен ден и веќе ги зедоа учебниците за претстојната учебна година.
Учебната година во „Христо Узунов“ започна со предвидената динамика. Првачињата дојдоа на време, за нив имавме и свечена приредба, а и останатите ученици го одржаа првиот час, атака што најавениот штрајк кај нас не беше реализиран, рече Оливија Јанева директор на ОУ „Христо Узунов“.
Во ова основно училиште новата учебна година ја започнаа 109 првачиња распоредени во пет паралелки, наставата како и вообичаено ќе се одвива во две смени и од утре си започнува реализацијата на предвидените часови. Не се штрајкуваше ниту во останатите основни училишта во општинава, а штрајкот не го подржаа ниту средните. Во Гимназијата „Св. Климент Охридски“ утрово пристигнаа учениците од прва и втора година, а попладне час одржаа оние од трета и четврта.

Нашето училиште не е приклучено во штрајкот бидејќи никој не најави штрајк така да редовно си започна наставата, претпладнето се одржа настава, а ке има и попладне, вели Весна Цветкоска- директор на Гимназија „Св. Климент Охридски“ .
Во охридската гимназија како и вообичаено најголем е одѕивот за запишување во прва година. Во оваа образовна установа средното образование го започнаа 212 ученици, распоредени во осум паралелки. Но, мора да се признае дека и тука веќе се чуствува општиот тренд на намалување на бројот на ученици.
Во основните училишта во градов наставата ќе ја следат 4610 ученици од кои 483 првачиња, додека во средните 1942 ученици.
Инаку Синдикатот за образование, наука и култура вчера соопшти дека ја активира одлуката да организира предупредувачки штрајк на првиот училишен ден и наставата да почне наредниот ден затоа што во изминатата недела со МОН не постигнале заемно прифатливо решение околу платите на наставниците. Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска изјави дека не знае во колку училишта се штрајкува, но оти во добар дел новата учебна година почнала нормално. Повтори дека нема причина за штрајк и оти Владата работи на подобрување на статусот на наставниците.
СОНК не се согласува со 5 отсто покачување на платите, кои наставниците ќе ги добијат со платата за септември, и бара до 25 отсто повисоки плати. СОНК очекува преговори со МОН до крајот на месецов и доколку не се усогласат во ставовите можно е да организира генерален штрајк.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top