Во Охрид за време на продолжениот празничен викенд се случиле четири тешки кражби и тоа две во станови, една во маркет и една во автомобил. Празниците секогаш се убава можност за крадците да оперираат. Затоа се препорачува граѓаните да бидат повнимателни, а службите побудни.
Празниците одлична можност за крадците. Тогаш кога граѓаните најчесто не се дома тие гледаат одлична прилика за реализација на својот крими-план. Златен накит, кеш пари, велосипеди, лаптопи, скапи мобилни телефони, крадците не се многу избирливи кога станува збор за пленот, важно им е да им донесе добра заработка штом ќе го препродадат. Во Охрид за време на Велигденските празници се случиле четири тешки кражби и тоа две во станови, една во маркет и една во автомобил. Украдена е техничка стока, злато, колонијални производи и акумулатор од автомобилот.
На местото на настанот СВР Охрид веднаш излезе со полициски службеници, извршен е увид, подигнати се траги од местото на настанот и во моментов течат активностите поврзани со реализацијата на овие тешки кражби и пронаоѓањето на сторителите по што СВР Охрид ќе поднесе кривични пријави, вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Истрагите покажале дека тешки кражби во станови најчесто се вршат во временскиот период од 8 наутро до 16 часот, со прекачување на крадците преку балкон и насилно отворање на балконската врата, со насилно отварање или употреба на клуч (калауз) преку влезна врата и со кршење на цилиндар. Во куќи пак, најчесто кражбите се вршеле во временскиот период од 16 часот до полноќ, со насилно отворање на балконски или влезни врати, со употреба на клуч-калауз и со кршење на цилиндер. Возилата биле ограбувани на паркинзи, претежно со употреба на физичка сила или погоден предмет, а најчесто се краделе преносни компјутери, патни торби и други предмети кои сопствениците ги оставаат на видни места во автомобилот. Во викендиците, кражбите најчесто се вршеле во временскиот период од 8 наутро до 16 часот, со насилно отворање на прозорци или влезни врати, со кршење на катанец и на други начини, при што се одземале алати, прехранбени продукти, бела техника и други предмети за домаќинство. Димоски кажува дека преку Одделението за превенција постојано ги едуцираат граѓаните како да се заштитат од крадците.
Посебно потенцираме дека е непожелно на фејзбук и на другите социјални мрежи да се постираат најави за одење од дома и патување во странство бидејќи нашите анализи покажуваат дека крадците и тоа како добро ги следат социјалните мрежи и оперираат онаму каде што се сигурни дека домовите се празни, вели Димоски.
Будноста на граѓаните, но и професионалното извршување на задачите на службите од МВР ќе придонесат за намалување на процентот на кражби, вели Димоски. Инаку минатата година за Велигден во стан во Скопје беа украдени половина милион денари.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град