Локациите за тезгите во Охрид, се даваат бадијала. Се додека е така, градот не може да земе здив од напаста на тезгаџиите кои се распространети насекaде. А тоа пак дава впечаток дека најубавиот дел на градот наликува на панаѓур, каде наместо да доминира автентичното, преовладува кичот.
Дуќанџии, за време на летната сезона ставете клуч на своите деловни простори, бидејќи повеќе ви се исплатува да си поставите тезга. Проблмите во летната сезона се бројни, репризни и никако да се надминат. Дел од низата проблеми се и тезгаџиите.
Досега, согласно тендерска постапка дадени се дозволи за вршење на дејност на 75 тезги. Закупнината за тезгите е сосема мала и со право може да се каже дека таа дури е смешна. Точно тука лежи и сржта на проблемот, секој може да си постави тезга за мали пари а добро да профитира, велат од Општинскиот инспекторат. Празни останаа бројните ветувања и најави кои секоја година ги даваше таткото на градот Аслександар Петрески, дека еднаш ќе стави крај на хаосот со тезгаџиите кој навистина претставува проблем број еден.
Од Општинскиот инспекторат, раководителот Танас Танасоски, вели дека првата пречка за нивното делување е тоа што Законот за поставување на тезги и урбана опрема не овозможува нелегално поставените тезги да ги отстрануваат. Тој додава дека инспекторите постојано се на терен изрекуваат на лице место глоби од 50 евра и оти досега изречени се четириесетина глоби, но по се изгледа и глобата не ги плаши тезгаџиите.
Танасоски рече дека и него не му се допаѓа ваквата состојба во градов и оти сосема е согласен со сите критики во врска со тезгите. Тој рече дека ваквата слика е жалосна и дека не му е потребна на Охрид. Танасоски смета дека еден од начините да се надмине проблемот е в година воопшто да не се издаваат дозволи за поставување на тезги а доколку се издаваат тоа право да го има социјалната категорија на граѓани на Охрид, а цената за закупнина на тезга да се утврди со јавно надавање, кој ќе понуди повеќе.
За изработка на Програмата за урбана опрема распишан е тендер и оваа година како најповолен понудувач за истата избрани се вработени лица од Завод и Музеј, Охрид. Таа во целост е подржана и усвоена од охридските советници. Па се наметнува прашањето дали е крајно време Програмата за урбана опрема да претрпи измени и дали 75 локации се сепак премногу за централното градско јадро кое и онака е пренатрупано.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град