Во Охрид се одржа едриличарска регата

Во Охрид се одржа едриличарската регата „Заедно за иднината на Езерото“. Учествуваа едриличарите од два клубови Акватика јахтинг од Охрид и Снегар од Струга. Едриличарите се натпреваруваа во три класи, Оптимист, Ласер 47 и Двосед класа 470 за квалификации во Македонската репрезентација за едрење.

 |   | 

Во Охрид се одржа едриличарската регата „Заедно за иднината на Езерото“. Едриличарот Наум Своноски е еден од поискусните натпреварувачи од класата Двосед 470. Досега имал успешни резултати и освоени први места. Успех очекува и на оваа регата, а сподели и зошто го избрал едрењето како спорт.

Едрењето го одбрав уште од мал, сакав водени спортови, пораснат сум до вода и одлучив да се фокусирам на едрењето и да се обидам да земам награди – вели Своноски.

13 годишната Евгенија Ставрева, веќе 8 години се занимава со едрење и остварува одлични резултати во класата Оптимист.

Многу сакам да спортувам. Едрењето е многу убав спорт и ме привлече да пробам. Очекувам убаво да изедрам и да освојам некое место – изјави Ставрева.

Во најмалата, но најбројна класа Оптимист се натпреваруваат и Анастасија Лазеска и Гала Булатовиќ. Двете го избрале едрењето затоа што ја сакаат водата и другарувањето.

Многу го сакам спортот и едрењето. Повеќе години доаѓам да едрам и очекувам да освојам некое место, но битно е да учествувам и да сум успешна – рече Анастасија.

Од поголемите учиме, а го пренесуваме знаењето на помалите. Не  е тешко да се едри и женските можат да спортуваат не е тешко. Лесен и интересен спорт е треба само да се знае и да се има љубов – вели Гала.

Стевчо Ставрев од Здружението за спортско едрење „Акватика јахтинг“ очекува младите спортисти да постигнат добри резултати и да влезат во Македонската репрезентација на едрење. Едриличарите кои ќе постигнат успех ќе настапуваат на претстојниот Балкански шампионат кој треба да се одржи од 1 до 10 септември во зависност од состојбите со пандемијата. Во класата Оптимист се натпреваруваа 18 натпреварувачи од двата клуба од Струга од ЕК Снегар и охридскиот клуб „ Акватика јахтинг“.

Тоа се деца од двете школи за едрење кои цело лето секојдневно напорно тренираат. Имаме според календарот на едриличарската федерација регати кои се бодираат за репрезентација. Има и од други поголеми класи во Ласер 47 каде ќе настапат 5 натпреварувачи од двата клуба. За првпат по подолго време почна да функционира и класата Двосед 470 во која се натпреваруваат 6 мина едриличари – истакна Ставрев.

Будимир Соколовиќ, претседател на Едриличарската Федерација, им се обрати на младите спортисти и им посака успех. Им порача да дадат максимум од себе и да ги покажат вештините кои ги научиле на напорните тренинзи.

Се надевам дека едриличарите во наредниот период ќе ги гледаме што помасовно на езерото, а ќе гледаме што помалку други пловни објекти кои го загадуваат Езерото – вели Соколовиќ.

Регатата се одржа во организација на Едриличарска Федерација на Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Здружението за спортско едрење  „Акватика Јахтинг“ од Охрид со поддршка на спонзорите Сава осигурување и Сава пензиско друштво.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top