Во Охрид одбележан Денот на крводарителството

Во Охрид одбележан денот на крводарителството. На една пригодна свеченост, ОО на Црвен крст изрази благодарност и почит кон сите крводарители, поединци, фирми, институции кои допринеле и помогнале во развојот на крводарителството во Охрид и Дебарца. Од таму упатија особена благодарност и до медиумите за нивниот придонес во унапредувањето на крводарителството во Македонија.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Охриѓанецот Коче Богданоски досега дарувал крв 112 пати. Неговата крвна група е нулта негатив. Вели, дарувам крв затоа што преку овој чин најдобро се изразува хуманоста но и заради сопственото здравје за обновување на крвта.

„Чуството е многу добро, захвално, за здравјето уште подобро, секој прв пат кога ќе даруваш, не е тешка работа, присутен е само стресот, но што повеќе даваш крв и самата снага бара, а јас се чуствувам подобро. На секои три месеци дарувам крв и советувам нема потреба некој да се плаши од крводарување, слободно може да дава, ќе се чуствува подобро и помлад“– истакна Богданоски.

ОО на Црвен крст, денес во своите простории организираше свечен прием за крводарителите од Охрид, по повод 17 Март Денот на крводарителите и Ден на Црвениот крст на Република Македонија. Потребите од крв и крвни продукти на ниво на земјава се задоволени за 2015 год, истакна претседателот на Црвениот Крст, Сашо Точков..

„Минатата година, 2015, за која што даваме признанија на денешната свеченост реализиравме онолку крвни единици колку што беше потребно за здравствените установи во општините Охрид и Дебрца и ги задоволивме потребите на пациентите. Оваа година сме уште помотивирани затоа што во минатата година започна со работа една нова форма на мотивирање и организирање, тоа е Клубот 25 на млади крводарители во Црвен крст, кој што веќе ги покажува своите резултати во мотивирање на младите особено во образовните институции за благородноста да се дарува крв, за хуманоста и ги насочува во таа насока“ – вели Точков.

На приемот беа поделени плакети за најдобрите крводарители. Плакети добија крводарителите кои дарувале 25 и повеќе пати крв. Општинската организација на Црвен Крст во 2015 година има реализирано 18 акции и во нив има собрано 1385 единици крв. Точков признава дека имале и подобри години, кога бројот на крводарувања бил дури за 550 повеќе крвни единици, но откако од Институтот за трансфузиона медицина наметнале почитување на некои стандарди кои подразбираат неодржување на крводарителски акции на отворено и на јавни манифестации, бројот опаднал.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top