Во Охрид и понатаму е голем процентот на случаи на семејно насилство

Во Охрид и понатаму е голем процентот на случаи на семејно насилство. Жртвите се најчесто жени, а во многу помал број мажи. Од СВР Охрид репресивно делуваат при сторени вакви казнени дела, но напоредно работат на превенцијата и едукација на населението како да се заштити и каде да пријави доколку се сооочи со ваков вид на насилство.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Оваа година во Охрид регистрирани се вкупно 43 казнени дела поврзани со семејното насилство. Од нив 14 дела се „телесна повреда при вршење семејно насилство“, 27 дела „загрозување на сигурноста“ и две казнени дела „противправно лишување од слобода“. Овие казнени дела се извршени од 43 сторители против кои се поднесени вкупно 41 кривична пријава. Регистрирани се вкупно 44 жртви на семејното насилство од кои најголемиот број се женски лица. Во помал број случаи жртви се мажи.

Најчесто сторителите на ова насилство се во алкохолизирана состојба. Семејните насилства регистрирани во СВР Охрид, според оштетените најнапред започнуваат со жестоки вербални расправии со закани, прераснуваат во караници, физички напад од извршителот врз жртвата со удари со раце, ноsе, дрвен стап и други погодни предмети. Со тоа, сторителите предизвикуваат страв и несигурност кај оштетените но и повреди по телото поради што, жртвите најчесто завршуваат во општата болница во Охрид каде им се пружа неопходната медицинска помош, вели Стефан Димоски-портпарол на СВР Охрид.

Семејното насилство најчесто се врши во семејниот дом и во присуство на малолетни лица или други членови на семејството.

Во сите пријавени казнени дела, СВР Охрид, во координација со Јавниот обвинител и надлежните служби од Центарот за социјални работи, веднаш упатила полициски службеници на местото на настанот, извршено е приведување на сторителот и поднесени се соодветни пријави. СВР Охрид, крајно професионално продолжува да работи на решавање на овие казнени дела но и превентивно, во соработка со невладини организации, да делува кон намалување и сузбивање на овој вид криминалитет, вели Димоски.

Семејното насилство постоело и ќе постои, вели Димоски. И Во текот на минатата година голем е процентот на случаи пријавени во секторот а поврзани со овој вид на насилство. ПОдатоците покажуваат дека биле пријавени вкупно 50 казнени дела поврзани со семејното насилство извршени од 52 сторители врз вкупно 51 жртва. Затоа од СВР Охрид преземаат различни превентивни мерки за да се намали овој број, а жртвите да знаат како да се заштитат и каде да пријават доколку се соочат со семејно насилство.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top