Viber, Google, Adobe, Microsoft дел од четвртиот по ред маратон во програмирање Codefest

Годинава проширени и со бизнис конференција каде ќе се споделуваат бизнис искуствата на некои од светските гиганти во технологијата. Организаторите велат дека се задоволни од прогресот на овој програмерски маратон, особено поради тоа што веќе има неколку стартап компании кои работат, а кои биле формирани благодарение токму на Коудфест.

 |  Мишел Наумоски  | 
codefest

Започна еден од најзначајните настани од информатичката технологија во земјава, Коудфест. Ова четврто издание според организаторите не само што е најобемно според бројот на гостите и говорниците туку и по светските имиња од областа на информатичката технологија како Гугл, Вајбер, Мајкрософт, Адоби. Коудфест, според министерката за информатичко општество Марта Арсовска-Томовска која го отвори годинешното издание на маратонот во програмирање, смета дека ова е вистинска можност за младите да се бидат очи во очи со претставниците од овие гиганти и да ги остварат своите соништа.

min.Marta Arsovska Tomovska“Собрани се на едно место и тоа е многу важно не само млади програмери и млади компании туку и оние кои што можат да им помогнат нивните идеи да добијат живот, а тоа се практично претставници на домашни, и на големи светски технолошки компании, тука се банки, тука се бизнис ангели, тука се венчр капиталисти, тука се стартап фондови, бизнис акселератори од светски рамки. Ќе направиме се за да на овие млади луѓе кои овде се присутни кои 32 часа ќе програмираат да добијат најдобри совети како да ги развијат своите апликации, како да ги заживеат и како да ги комерцијализираат.”-вели министерката Арсовска-Томовска.

Јасна Тренгоска, ко-основач на програмерскиот маратон Codefest вели дека искуствата, грешките, проблемите но и убавите искуства на некои од најзначајните компании од информатичката технологија се убава можност за младите програмери да добијат вистински насоки за развој на нивните стартап компании.

osnovaci Codefest“Веќе се формирани неколку стартап тимови кои што произлегле токму од Codefest кои што денеска работат како успешни стартап тимови или пак како регистрирани компании. Мислам дека тоа е навистина успех бидејќи почнале како студенти го изоделе тој пат преку програмата која што ние како Codefest и поддршката која после Codefest им ја нудиме успеале забрзано да стигнат до тој момент каде што за кратко време можат да формираат своја компанија и тоа е токму една од главните амбиции кои што ги имаме и за понатаму.”-рече Тренгоска.

Вториот ко-основач на Codefest, Вилијам Асијама вели дека очигледен е развојот на Codefest кој оваа година освен самиот маратон е збогатен и со бизнис експо и со конференција на која учествуваат познати имиња од информатичката технологија во светски рамки.

“Оваа година ја започнавме и Codeference и имавме среќа да собериме околу 250 луѓе на овој настан. 24 говорници од различни земји од светот, имаме претставници од Конрад од Велика Британија, подоцна ни доаѓаат претставници и од Вибер, а освен нив ги имаме и луѓето од Адоби и Гугл исто така. Навистина сме задоволни со настанот и како протекува, се надеваме дека ќе продолжиме со ова и наредните години како и досега. “-изјави Асијама.

codefest 2016Борче Јанкуловски, директор на фондацијата “Преда плус” кои се задолжени за имплементација на ИМЕ програмата на Свис контакт вели дека преку нивните активности ќе го поддржат развојот на бизнис зоната каде ќе се работи на услугите од областите на менаџмент, маркетинг и пристап до финансии за стартап компаниите развиени на овој начин.

“Целта на програмата е да ги поддржи малите постоечките бизниси да растат, а оние пак кои сакаат да започнат сопствен бизнис, да го најдат своето место каде тоа да го направат. Токму во тој дел ја препознавме иницијативата на Стартап зона како една од клучните алки која нуди ваков тип на поддршка за да може малите компании кои ќе бидат креирани преку ваков тип на настани да го најдат своето место до надворешните пазари.”-вели Јанкуловски.

Инаку денес е првиот ден од годинешното четврто издание на Codefest. Утре започнува највозбудливиот дел за младите програмери, 32 часовниот маратон во програмирање на кој годинава учестуваат 54 тимови од Македонија, Бугарија, САД како и од универзитетите од Бирмингем и Нотингем од Англија. Покрај маратонот, на годинешното издание на Codefest ќе се одржат и бизнис експо настанот каде многу млади компании ќе може да ја претстават својата работа, како и Codeference, конференцијата на која ќе говорат претставници од големите Гугл, Вајбер, Адоби, Мајкрософт и многу други.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top