Ветениот Дом за стари лица никако да се изгради

Ветениот Дом за стари лица никако да се изгради. Иако уште пред пет месеци требаше да отпочнат градежните работи на овој капитален објект, сеуште работите се на мртва точка. Пензионерите од Охрид кои денес го посетија Геријатриското одделение и им однесоа подароци на пациентите кои се згрижени таму, уште еднаш потсетија дека потребата од Дом за стари лица е огромна и дека редно е веќе некој сериозно да се зафати за овој проект.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Сеуште не е отпочната изградбата на Дом за стари лица. Во моментов единствено место каде што се згрижуваат овие лица е одделението на Геријатрија при Општа болница- Охрид кое располага со 30- тината легла, кое пак ни одблизу не ги задоволува потребите на жителите на Охрид и Дебрца.
Условите се исти како што беа и порано, капацитетот ни е навистина мал, очекуваме во иднина нешто ад се подобри бидејќи има голем интерес кај нас да бидат згрижени пациентите, а имаме и многу пациенти кои се заедно во една соба, затоа мора условите да се подобрат и да се во помала бројка и да имаме понова и поубава зграда, вели Д-р Севим Селим- раководител на Геријатриско одделение.
Денес преставници од Здружението на пензионери на Охрид и Дебрца и Активот на жени пензионерки, по повод велигденските празници го посетија ова одделение и уште еднаш потсетија на неопходноста од изградба на Домот за стари лица.
Од потребен попотребен е дом за стари лица во градов. Има многу стари лица кои нема со кого да останат, сами се па нема кој да се грижи за нив. Ако има дом ќе можат таму да бидат згрижени бидејќи друго решение нема. Затоа најбрзо што може да се изгради домот за стари лица, вели Ружа Балеска.
Уште во месец август минатата година било издадено одобрение за градба на Дом за стари лица во Охрид, со кое инвеститорот односно градежната компанија АД „Илинден“ можеше да почне со реализација на овој капитален и долгонајавуван проект, но сеуште работите не се мрднати од мртва точка. Во месец ноември минатата година од Локалната изјавија дека треба да се направи пристапен пат до парцелата за изградба на домот и поради тоа доцнат работите, но ветуваа дека набрзо ќе започнат. Но, и пет месеци после ова ветување домот за стари лица не е отпочнат.
Ние имаме контакти со Локалнава самоуправа, тие не сослушаа и се надеваме дека овој долгогодишен проблем ќе го решиме бидејќи навистина има потреба за згрижување на оваа популација па и преку изградбата на дом и преку геријатриското одделение да се подобри оваа состојба што е, вели претседателот на Здружението на пензионери, Ѓорѓи Трпчевски.
Инаку, домот за стари лица треба да се гради на локацијата во населбата Далјан, на градежна парцела со вкупна површина од 8.425 метри квадратни. Изградбата беше најавувана дека ќе стартува во 2016 година, според договорот со кој купувачот беше обврзан во рок од 12 месеци да обезбеди одобрение за градба, а во рок од 4 години да го изгради објектот согласно урбанистичкиот план по кој земјиштето е отуѓено. Повеќе пати е кажано дека изградбата на Домот за стари лица во туристичкиот бисер е неопходна.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top