Дебрца, Куратица, Елшани и Вевчани тргнуваат кон нудење на еден поактивен вид на туризам во кој гостите излегуваат во природа и влегуваат во авантура.
Поактивен наместо традиционален туризам за успех надвор од летната туристичка сезона. Дебрца, Куратица, Елшани и Вевчани од македонска, и Поградец и Корча во Албанија се местата кои ќе нудат комплементарна но несекојдневна туристичка понуда барем за наши услови. Овие локации можеби немаат некоја развиена инфраструктура, но поседуваат сместувачки капацитети кои можат да понудат нешто поинакво од традиционалното.
Македонската фондација за развој на претпријатијата како начин за поттикнување и развој на алтернативните форми на туризам во еден поширок туристички регион, изработи две промотивни видеа во кои туристите се повикуваат да излезат во природа и да влезат во авантура и тоа преку четирите идентификувани типови на алтернативна туристичка понуда, велосипедизам, параглајдинг, планинарење и рибарство.
„Многу често доаѓаат луѓето во Охрид и ја купуваат плажата, и тој концепт на одмор, но многу често сакаат и различни активности. Зошто да не возат малку со велосипед, да не се искачат на Галичица, ако тоа се стави во понудите на туроператорите, на хотели, ресторани, на локални здруженија, ентузијасти кои можеби сега засега се занимаваат само ентузијастички со таа работа, меѓутоа утре, задутре може да водат групи од 5-10 луѓе на мало велосипедско искуство, да се нудат тандем летови во параглајдинг. Имаме рибарство, и тоа е интересна работа.“-вели Лазар Неданоски од Македонската фондација за развој на претпријатијата.
Неданоски смета дека сезоналноста на капалишниот туризам на чии плеќи почива охридскиот туризам во голема мера ја ограничува туристичката понуда. Токму затоа, според него, мора да се бараат вакви алтернативи.
„Да се поттикнат одредени категории, посебно помладите кон поактивни форми на туризам, не толку традиционални, бидејќи знаеме во разни прилики се зборувало дека охридскиот туризам базиран на капалишна понуда си има свој а конкуренција во регионот, од албанското, грчкото, бугарското крајбрежје, јадранот, така да тоа во високата сезона може да се нуди, но вон сезона мора да се наоѓаат други начини други понуди за сите овие сместувачки капацитети кои се одличен потенцијал.“-рече тој.
Неданоски смета дека со оглед на тоа дека се работи за еден микро туристички регион, Охрид, како и Македонија, едноставно мора да промовираат туристички тури во заедништво со наши соседни земји, како во случајов, Албанија, бидејќи според него, туристите сакаат во релативно краток временски период да прошетаат многу места.
Инаку промотивните видеа за алтернативен туризам се изработени како дел од проектот за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија. Истите треба да се емитуваат на локални и национални медиуми во Македонија и во Албанија, како и на интернет, со цел да се промовира регионот како туристичка дестинација.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град