Вдиши театар, по трет пат во Охрид

Почнувајќи од денес, па во наредните три дена Охрид ќе вдишува театар. Традиционално и годинава меѓународниот аматерски театарски фестивал „Вдиши театар“ ќе се одржува во нашиот град. Охриѓани но и туристите ќе имаат можност да погледнат неколку претстави на волонтерите на Организациите на Црвениот Крст од Охрид, Ужице, Крагуевац и Суботица.

 |  Николоска Биљана  | 

Вечерва во предворјето на црквата „Св.Софија“ премиерно ќе се прикаже театарската претстава „Фортуна“. Со тоа ќе се одбележи отварањето на третото по ред издание на Аматерскиот театарски фестивал „Вдиши театар“, во организација на ОО на Црвен крст Охрид. Весна Терзиоска од оваа организација појасни која е целта на дружбата на повеќе аматерски театрски групи на организациите на Црвен крст од Охрид, Ужице, Крагуевац и Суботица. Гости на фестивалот се театарските групи од Бар и Требиње кои пак со свои претстави ќе учествуваат идната година, додава Терзиоска.

„Целта на овој фестивал е развивање на театарскиот талент кај младите, овозможување катче на тие млади луѓе кои имаат дарба за актерска игра, да го развиваат својот потенцијал, нудење на културни содржини на нашите граѓани и гостите кои престојуваат во нашиот град, а исто така и меѓусебна размена на искуства“ – вели Терзиоска.

Текстот „Фортуна“го преработи младата авторка Маре Ристеска, која целиот свој труд го вложила да направи една прекрасна преадаптација на текст од охрискиот писател Живко Чинго. Секојдневните ситуации со луѓето ја натерале да навлезе во една димензија која не често секој има храброст да ја опише, а во суштина тоа е нејзина инспирација.

„Фортуна“ е една траги комедија во која што главната улога ја има точно Фортуната, која што е еден вид семинесцентен раскажувач, сезнаечки раскажувач кој што е насекаде и ја раскажува трагичната животна приказна на една жена, Петрана Колеска, која е лик од расказот на Живко Чинго, но ликовите се само позајмени, а останатиот дел е само моја креација и фантазија. Петрана Колеска е претставена како жена која на почетокот е потчинета на мажот, омажена против своја волја, која што под канџите на зимскиот ветер Фортуна, таа се преобразува во жена на 21 век, која што се бори за своите права, дури е храбра до тој степен што ја исмева и машката неиздржливост и навлегува во машката интима и исмевање на машкото его“ – појаснува Ристеска.

Како го доживува аматерскиот фестивал Вдиши длабоко, младата волонтерка на Црвениот Крст, Поликсена Тунтева, која трета година по ред е на сцената во предворјето на црквата „Св Софија“ а годинава во главната ролја, раскажува самата таа.

„Претставува место каде можете да се запознаете себе си најдобро, да се отворите, искрено да си го откриете својот талент, да ги проширите своите видици, претставува место каде еве јас пред неколку години го ширам мојот талент, го правам она што сакам, учам, се смеам, се дружам и ги добивам едни од најневеројатните искуства во мојот живот“ – вели Тунтева.

Влезот за театарската претстава Фортуна во предворјето на црквата Св Софија е слободен. Претставата започнува во 20 ч. и 30 минути Младите актери ветуваат добра претстава која треба секој да ја погледне.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top