ВМРО ДПМНЕ преку својата програма РЕАЛНО има проекти со кои ќе продолжи да инвестира во здравствената инфраструктура, набавка на најсовремена медицинска опрема и унапредувања на знаењата и вештинити на медицинскиот кадар, кажа денеска на прес конференција кандидатот за пратеник Сашо Василевски. Како еден од најзначајните проекти од здравствената област за градот беше посочено осовременувањето на специјалната болница за ортопедија и трауматологија “Св. Еразмо”. Започнато е реновирање и адаптација на објектот на специјалната болница каде ќе биде преселен Заводот за кардиоваскуларни заболувања од Охрид, а исто така за специјалната болница ќе се набават 344 медицински апарати, најави Василевски.
Со проектот се придонесува осовременување и унапредување на условите за третман на пациентите, а со тоа и подигнување на квалитетот на медицинската нега. Ќе бидат комплетно реновирани операционите сали со интензивната нега, болничките оддели со оформување тоалети во секоја соба, а предвидено е реновирање и реорганизирање на амбулантите, лабораторијата, стерилизацијата и другите дијагностички содржини. Предвидено е овој проект да се заврши во месец Јули наредната година и предвиден е буџет од 215 милиони денари.
Грижата за граѓаните и нивното здравје за нас претставува дополнителен потик да продолжиме со вложувањата во сите сегменти во здравството, со цел натамошно подобрување на квалитетот на здравствените услуги. Како што знаеме сите ние главна идеологија на нашата политичка партија ВМРО ДПМНЕ е неуморно да се грижи и залага за секој граѓанин на нашата земја во сите сфери од секојдневното живеење и затоа се бори да изгради помодерно и поквалитетно здравство. Со ваквата грижа и посветеност за граѓаните, несомнено на 11 декември ВМРО ДПМНЕ ќе ја добие нивната поддршка.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град