Вандалскиот чин врз подрачното училиште Св. Климент Охридски во населбата Далјан го осуди директорката на училиштето. Таа ги повика надлежните институции да ги откријат сторителите.
Вандали со графит оштетија фасада на ѕид од подрачното училиште Св. Климент Охридски во Далјан. Директорката на училиштето Наташа Танеска информира дека испишаниот недоличен графит осамнал утрово веднаш откако вчера завршиле градежните работи за реконструкција на училишната фасада. Танеска повикува надлежните институции да ги откријат сторителите.
Недозволиво е да постои толку ниско ниво на свест кај граѓаните, се работи за објект во кој учат дечиња и училиште во кое со децении наназад не беше инвестирано ни денар, а децата учеа без основни елементарни услови. Денес, веднаш ќе постапиме и ќе ги избришеме графитите, но бојата нема да го покрие срамот на поединци кои немаат ниту совест ниту свест и од непознати побуди и причини прават вакви срамни дела. Ги повикуваме надлежните институции да ги пронајдат сторителите – вели Танеска.
Во подрачното училиште во населбата Далјан во последниот период интензивно се вложува во подобрување на училишните услови, информира Танеска. Во оваа зграда каде настава посетуваат основци од одделенска настава е извршена промена на дограмата, реконструирани се подовите во сите простории, поставен е нов систем за греење и нова енергетска фасада.
На спортското игралиште е поставена нова опрема. Се планира поставување ограда околу училиштето, како и реконструакција на тоалетите и внатрешните ѕидови.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град