Утре стартува пописот на населението во Македонија

Утре стартува националниот попис на населението во Република Македонија. Пет илјади попишувачи, 500 реонски супервизори, 50 пописни комисии за секој од пописните реони, ја започнуваат оваа статистичка операција.

 |   | 

Утре стартува националниот попис на населението во Република Македонија. Пет илјади попишувачи, 500 реонски супервизори, 50 пописни комисии за секој од пописните реони, ја започнуваат оваа статистичка операција. Недостатокот на попишувачи во некои реони, меѓу кои беше и Охрид, согласно владината одлука, ќе биде пополнет со привремено вработени од државната администрација. Нивниот број, како и сите останати детали и информации, ќе го соопшти денеска на прес конференција директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Прашалниците како акти од Заводот за статистика се донесени уште во февруари. Меѓу најстандардните прашања се оние за број на деца, брачната состојба и дали живеете во вонбрачна заедница, етничката припадност, вероисповест и мајчиниот јазик. Од попишувачот ќе бидете прашани и каде сте се родиле и каде сте живееле претходно пред да дојдете на постојната адреса. Ќе следува и прашање за какво државјанство поседувате и дали вашето домаќинство живее во земјата или поголемото време во странство. Доколку некое лице од вашето домаќинство е отсутно за време на прашалникот, ќе треба да одговорите зошто не е тука и каде се наоѓа во моментот, односно дали е во странство и колку време и зошто се наоѓа таму. Ќе бидете прашувани и за зградата, станот и за вашата улога во заедницата со која живеете.

Во статистичката операција ќе треба да одговорите и каков е вашиот економски статус и највисокото завршено образование, како и за тоа која е вашата професија, односно занимање, или во која дејност работите. На пописот ќе има и прашања за начинот за загревање на домот и за доводот на вода. Ќе бидете прашани и дали објектот во кој ќивеете е ваш, односно на вашето домаќинство или не. Ќе бидете прашани и какви физички и здравствени потешкотии имате, доколку потврдите дека се соочувате со таков проблем. Ќе следуваат и прашања кое превозно средство најчесто го користите, дали сте барале работа во последните четири години и кои се вашите главни извори на приходи за живеење. Има и сет на прашања каков вид на земјиште и стока поседувате, доколку одговорите потврдно.

Одговорните информираат дека поголемиот дел од попишувачите се вакцинирани. Доколку има случаи граѓаните да не сакаат да примат попишувачи кои се невакцинирани, ќе може да се направи смена на попишувачите со вакцинирани, за да продолжи операцијата.

Пописот ќе се одвива со строго почитување на протоколите и мерките за заштита од Covid-19.

Пописот треба да заврши на 30-ти септември, до кога трае и online попишувањето на дијаспората, процес кој започна на први март оваа година. 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top