Утре ќе се одигра големото ракометно дерби помеѓу Охрид и Струга

Најавата за новото езерско дерби, помина во сенка на неодамнешната одлука на Ракометната федерација на Македонија, ниту еден од охридските ракометари, кои го освоија вицешампионското место во младинска конкуренција, да не се најде на списокот од селекторот Данило Брестовац за Меѓународниот турнир „Бугојно 2019“ во Бугарија.

 |   | 

Најавата за новото езерско дерби со вечниот ривал Р.К. Струга од четвртото коло во Play out, лигата помина во сенка на неодамнешната одлука на Ракометната федерација на Македонија, ниту еден од охридските ракометари, кои го освоија вицешампионското место во младинска конкуренција, да не се најде на списокот од селекторот Данило Брестовац за Меѓународниот турнир „Бугојно 2019“ во Бугарија.Спортскиот директор на клубот, Горан Недески кажа дека охридските млади ракометраи забележаа само еден пораз и тоа на натпревар без натпреварувачко значење, додавајќи дека селекторот и директорот на репрезентација беа присутни на финалниот турнир и можеа да ги видат квалитетите на сите охридски играчи.

„Сите овие околности ми даваат право да се сомневам во тој избор на играчи. Ние како клуб ќе доставиме едно барање до ракометната федерација да се разгледа начинот на којшто се бираат играчите и сметаме дека е жално што доаѓа до мерење на суети помеѓу поединци од федерацијата и од клубовите кога станува збор за овие млади категории“ потенцира Горан Недески – спортскиот директор на РК Охрид.

„Гладијаторите“ покрај сребрениот медал освоија три индивидуални награди. Десното крило Наум Костов беше најдобар стрелец, средниот бек Мартин Ивановски и пивотменот Кристијан Димитриески беа дел од идеалниот тим на завршниот турнир, а одличен настап имаше и Даниел Андоноски. Во врска со утрешниот натпревар Недески објасни дека ракометните клубови на Охрид и Струга се со најголем квалитет во Play out лигата. Пред неговите ракометари е еден дерби натпревар, а професионалниот пристап и чувството со кое Охрид пулсира кога ракометот е во прашање, гарантира уште една вистинска спортска борба. Капитенот Крсте Андоноски кажа дека пред нив е натпревар за престиж.

„Ова е натпревар за престиж, ние добро се подготвуваме и сме мотивирани да го дадеме максимумот. И должиме на охридската публика и навивачката група „Рибари“ кои ова година заслужуваат чиста десетка за нивниот ангажман и бодрење и се освен победа не е опција за нас“ очекува Крсте Андоноски -капитен на РК Охрид.

Капитенот Андоноски кажа дека сеуште на клубот му недостига еден играч во одбрана со заминувањето на Георгиески, хендикеп за кој се обидуваат да компензираат со добра игра во нападот. Славиша Димитриески кажа дека утре очекува еден фер и коректен натпревар и секако максимална подршка од целата охридска публика, пред се од навивачката група „Рибари“.

„Очекувам една фер кореткна и неизвесна утакмица до самиот крај. Очекувам да оставиме буквално срце на теренот да изиграме еден добар натпревар, и секако очекувам и се надевам на победа.Три бода да си останат кај нас“ вели Славиша Димитриески – РК Охрид.

Скорот во пресметките оваа сезона е изедначен 1-1, а домашниот терен „гарантираше“ победа. „Гладијаторите“ со триумф во голема мера ќе го осигураат првото место во плејаутот.Големото ракометно дерби помеѓу Охрид и Струга, ќе се одигра утре во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 19 часот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top