Усвоен нацрт буџетот на Општина Охрид за 2022 год

Со усвојување на нацрт буџетот на денешната седница на Советот на Општина Охрид започна постапката за донесување на општинскиот буџет за 2022 година. Опозицијата гласаше воздржано за најголем дел од нацрт програмите со надеж дека забелешките ќе бидат земени во предвид во финалната верзија на буџетот. На денешната седница покрај нацрт развојните и годишни програми од разни сфери, поминаа и 22 легализации на бесправно изградени објекти.

 |   | 

Советот на Општина Охрид денеска ја усвои нацрт верзијата на Буџетот за 2022 година. Со тоа започна постапката за носење на општинскиот буџет за претстојната година при што ќе има јавна расправа и граѓаните и советниците ќе имаат можност да даваат свои забелешки и сугестии за кроењето на јавните финансии. Според драфт верзијата која денеска на седница ја разгледуваа советниците буџетот за следната година тежи нешто повеќе од 10,5 мил евра. Опозицијата реагираше на намалувањето кај капиталните расходи, а никаква промена кај непродуктивните трошења. Ставката Уредување градежно земјиште се намалува за 27 мил. денари, ставката Изградба и реконструкција на улици и патишта се намалува за 15 мил. денари, во Програмата за одведување и пречистување отпадни води 11 мил. денари и изградба на системи за водоснабдување намалување од 19 мил. денари.

Ова намалување значи помалку нови и реконструирани улици, помалку уредени тротоари, помалку системи за водоснабдување, со други зборови помалку вложување во зголемување на квалитетот на животот на граѓаните. Многу добро разбирам дека пандемијата секаде остава последици, меѓутоа сметам дека треба да ги намалуваме некапиталните трошоци, а не да удираме по џебот на граѓаните – кажа од говорницата Живка Ангелоска, координаторка на советничка група на СДСМ.

Ангелоска додаде дека доколку не станува збор за грешка, предвидената сума од 500 000 денари за отстранување нелегални објекти во период кога треба да се испорачаат резултати во однос на препораките од УНЕСКО е несериозно, на што реагираше секретарот на општината.

Не треба да имаме дилема дека политиката на оваа локална власт дека Охрид е град на УНЕСКО. Ја разгледав и јас програмата во делот на уредување на градежно земјиште што се однесува на рушење на бесправно изградени објекти, истата со стручните служби ќе се разгледа повторно и ќе реагираме во Предлог програмата. Очигледно се работи за некоја техничка грешка. Уште еднаш ќе повторам политиката на градоначалникот и на локалната е Охрид град на УНЕСКО – кажа Александар Китески, секретар Општина Охрид.

Советничката група на СДСМ и коалицијата за најголем дел од нацрт програмите гласаа воздржано поради тоа што бил краток периодот за изработка на буџетот и има простор понатаму за корекции на нацрт верзијата, со надеж дека забелешките ќе бидат земени во предвид во финалната верзија на буџетот.

Од нацрт развојните програми дискусија се разви за програмата за поттикнување на развојот на туризмот и програмата за поддршка на локалниот економски развој на Општина Охрид за 2022 година за кои беа побарани попрецизни дообјаснувања. Иако невообичаено за оваа фаза од постапката на носење на буџетот, беа поднесени и два амандмани на Нацрт-програмата за одржување и заштита на локални патишта, улици и на програмата за изградба на системи за водоснабдување, кои советниците не ги прифатија. Мнозинството во советот изгласа и Предлог-Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за линиски превоз на патници во општина Охрид со која поскапува линискиот превоз за 10 денари.

Советниците на денешната седница едногласно донесоа и 21 одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко планска документација, со цел вклопување на бесправно изградени објекти и предлог одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација, за усогласување на намената на земјиштето.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top