Уште еден Мауцкер во Охрид

Жителите на улица АСНОМ апелираат, никнува нов Мауцкер под објектот на стрелачкиот клуб во, Охрид. Шишиња, стар мебел, санитарија, облека, електрични апарати, расипана храна и градежен шут се расфрлани покрај патот. Граѓаните се револтирани и бараат најитно да се преземат мерки за спречување на нова депонија во урбаниот дел на општината.

 |  Николоска Биљана  | 

Купишта отпад се трупаат на дел од патот во населба Бејбунар, Охрид на ул. АСНОМ и ул „Јордан Мијалков“. Откако патот што води до 110 ката остана само тампониран, а неасфалтиран, секојдневно, несовесни граѓани фрлаат секакво ѓубре, градежен шут и отпад.

Во оваа населба каде што за краток временски период никнаа повеќе комплекси на станбени објекти, секоја уличка си има своја депонија, наместо уредно асфалтиран пристапен пат до влезовите на зградите. Жителите на овој потег ги повикуваат надлежните да реагираат час поскоро и сметаат дека создавањето на една ваквите диви депонии се опасни за околината.

Проблемот на дадената локација е веќе лоциран, вели првиот човек на ЈП „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски. Тој во дописот што го прати до телевизија ТВМ убедува дека, по договор со Фондот за комунален развој при општина Охрид од понеделник ќе се пристапело кон расчистување на целиот шут и отпад на таа локација. При тоа нагласувајќи дека акцијата може да се одложи единствено поради пренасочување на механизацијата поради временски неприлики и врнежите од снег кои се најавуваат за овој викенд. Грданоски упати апел до граѓаните да не создаваат диви депонии на места каде што не се предвидени за депонирање на било каков отпад вклучително и градежен шут. Инаку екипи на Јавното комунално претпријатие, деновиве пристапи кон расчистување на неколку диви депонии во градов и успеа хортикултурно да уреди дел од тие површини.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top