Уште 2 милиони денари за изградба на пешачката патека Kанео-Лабино-Кошишта

Уште 2 милиони денари за изградба на пешачката патека Канео, Лабино, Кошишта. Опозиционерите реагираат дека општината не го информирала Советот за што конкретно ќе бидат наменети овие средства. Секретарот на општината, Димитар Спасески кажа дека овие средства се издвоени во согласност со измените на програмата и оти точно се знае што ќе се прави со нив.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Локалната издвои уште 2 милиони денари за изградба на пешачката патека Канео – Лабино – Кошишта. Со ова ќе се заокружи проектот со кој треба да се уреди просторот околу Самоиловите тврдини, кој е се поатрактивен за туристите кои доаѓаат во Охрид. Но опозиционерите реагираат дека општината не го информирала Советот за што конкретно ќе бидат наменети овие средства.

Овие два милиони денари треба да бидат прикажани транспарентно и да биде кажано како и каде ќе се потрошат. Ова треба да биде дел од една годишна програма. Не смееме паушално да издвојуваме пари од буџетот за кои не знаеме за што точно ќе завршат, вели советникот од редовите на СДСМ, Јован Стојаноски.

Стојаноски објаснува дека според принципот на работа прво треба да се изработи програма во која ќе се наведат сите активности, а врз основа на тоа се изготвува тендерска документација. Тој прашува како советот да даде зелено светло за нешто што не е докрај разјаснето. Секретарот на општината, Димитар Спасески кажа дека овие средства се издвоени во согласност со измените на програмата и дека е прецизирано што ќе се прави на патеката.

Се работи за уредување на овој простор со автохтони материјали кои нема да му наштетат на амбиентот. Патеката согласно проектот е предвидено да се гради исклучиво со камен и дрво така што ќе соодејствува со условите кои се во тој дел од градот, вели Спасески.

Патеката ќе почне да се прави непосредно по завршувањето на тендерската процедура, најавуваат од Локалната самоуправа во Охрид.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top