Летната тераса на поранешниот објект на пицеријата Немо иако не функционира, урбаната опрема сеуште стои. Од локалната велат дека сопственикот за оваа урбана опрема не плаќа надомест ниту има дозвола за поставување на истата.
Летната тераса на поранешниот објект на пицеријата Немо, на спојката помеѓу улиците Цар Самоил и Коста Абраш повеќе од година дена не работи, но урбаната опрема сеуште на истата локација.
Овој факт недвосмислено го наметнува прашањето дали локалната самоуправа добива некаков надомест за поставената урбана опрема од сопственикот на истата со оглед на тоа што просторот е узурпиран иако објектот веќе не работи. Дрвената конструкција оградена со најлони служеше како летна тераса до пред околу две години за потребите на угостителскиот објект Де Лаго , кој пак беше сместен во поросториите на некогашна охридска пастрмка во сопственост на охридскиот бизнисмен Панделески. На местото на угостителскиот објект сега има банка а конструкцијата на летната тераса не се отстранета.
За одговори се обративме до Одделението за односи со јавност при Локалната самоуправа. Нив ги запрашавме дали сопствениците на овој објект имаат дозвола од локалната да постои како урбана опрема.
Од таму добивме одговор дека за оваа година, односно 2015 таква дозвола не била издадена, но и дека сопственикот изминатава година не плаќал надомест за поставената урбана опрема. Иако од локалната велат дека е логично што ваков надомест не бил плаќан бидејќи сопственикот не ни имал дозвола за изминатата година, нелогично е зошто после толку долг период откако објектот не е во функција не било издадено решение за отстранување на објектот односно летната тераса. Дополнително, оваа урбана опрема се наоѓа на критична локација за жителите на овие две улици кои редовно, особено во текот на летниот период алармираат дека токму ова место е тесно грло поради непрописно паркираните возила. Со отстранување на овој објект би се добиле неколку паркинг места кои многу значат ако се земе предвид хроничниот проблем со недостаток на паркинг во стар град. Од локалната самоуправа велат дека по налог на инспекторатот, урбаната опрема, маси, столици, шанк и фрижидер веќе биле отстранети.
Од таму додаваат дека инспекторатот веќе има донесено и решение за отстранување на конструкцијата односно горенаведената тераса. Тие велат дека ова решение пред 10-ина дена било доставено и до сопственикот кој за истото е информиран и усно и писмено. Доколку тој во предвидениот законски рок сам не ја отстрани конструкцијата, за него ќе следи соодветна прекршочна пријава и ќе се преземат соодветни законски мерки за надлежните служби да го спроведат отстранувањето.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град