Уметникот Тони Попов внесува боја и среќа во детските души

Децата од ОУ во Дебрца ги запознаваат сликарските техники и ја изразуваат својата креативност творејќи сликарски дела. Сликарските работилници се во рамки на проектот „Маргини“ на уметникот Тони Попов и здружението „Тактус“ од Охрид.

 |   | 

Децата во основните училишта во Општина Дебрца деновиве создаваат мали уметнички дела. На работилници кои ги држи уметникот Тони Попов од Охрид ги запознаваат сликарските техники и материјали и ја изразуваат својата креативност. Попов на овој начин преку својот најнов проект „Маргини“ продолжува со својата мисија да ја доближи уметноста до луѓето, пред се децата, посебно до оние на кои таа им е најчесто недостапна. „Маргини“ го спроведува Здружението за развој на културно-уметнички вредности„Тактус“ од Охрид во соработка со Општина Дебрца и финансиската поддршка од норвешка организација.

Главна цел на проектот е да ги ставиме во фокус децата од руралните средини и да им дадеме можност да направат нешто свое нешто креативно, тоа на крај да го покажат. На еден начин како да создаваме сцена на која ќе им кажеме на тие деца браво и да им дадеме аплауз – истакна Попов.

Во овој проект, за децата обезбедивме штафелаи, платна, бои и сите останати материјали потребни за сликање. Проектов ги опфаќа сите деца од основните училишта од општина Дебрца, односно вкупно околу 200 деца. Дел од нив веќе ги насликаа своите први дела. Чудесно е да се види одблизу целиот тој креативен потенцијал кој овие деца го носат во себе, вели Попов.

Изминативе две недели имавме можност да одржиме работилници во неколку училишта во селата Оровник, Волино, Требеништа и Горенци и можам да кажам дека децата се презадоволни и пресреќни. Ова што ние го правиме е премалку, но и со тоа малку децата се среќни. Живееме во пандемија две години, сега и војна во Украина и тоа е стрес којшто ние го живееме и којшто децата го чувствуваат. Меѓутоа сметаме дека уметноста баш во едни вакви тешки времиња треба да биде уште погласна затоа што таа на некој начин е боја во целото тоа сивило. Така што мислам дека со ова даваме надеж на тие деца дека она што го носат во себе некој ќе го види и слушне – додава Попов.

Проектот или 4-те месеци дружба со четките и боите ќе биде заокружено со групна изложба на насликаните дела, а сликарските штафелаи ќе бидат подарени на училиштата. На лето уметникот Попов продолжува со својата Летна школа „Пробај уметност“ која е достапна за сите заинтересирани граѓани. Проектот ќе трае до крајот на месец мај.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top