Климентовата повелба постхумно доделена на Слободан Крлески.
Охридскиот уметник Јордан Манасијески е годинешниот добитник на Свети Климентовата награда. Ова највисоко општинско признание, Манасијески го добива со одлука на градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески. Според зборовите и на Комисијата за доделување награди и признанија, и на градоначалникот, изборот на Манасијески бил очигледен, но и дека годинешната листа со предлози била една од најдобрите во последниве години. Манасијески наградата ја добива за неговата неоспорна улога во афирмација на македонската уметност насекаде низ светот.
„Преку своите уметнички дела и ликовни излагања во Германија, Франција, САД, Јапонија, Англија и во многу други земји, успеа да го претстави Охрид и Македонија и да го постави на светската културна мапа со што спонтано станува наш ликовен амбасадор во светот. Личноста одликувана со ваква брилијантна професионална кариера, ликовниот уметник со светско реноме кој преку своите уметнички дела ги афирмира охридските и македонските културни вредности пред светот, академскиот сликар од Охрид, Јордан Манасијески е достоен да ја носи наградата „Свети Климент-Патрон на Охрид“ за 2014та година.“-рече градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Уметникот Манасијески е присутен ширум светот и има собрано мноштво признанија. Изложувал во Париз, Лувр, Лондон, Јапонија и секаде освојува високи признанија. Минатата година беше добитник и на наградата од Интернационалниот биографски центар во Лондон каде е номиниран да влезе во книгата на интернационални биографии на познати личности на светско ниво, а веднаш после оваа номинација е избран и во стотте најпрофесионални личности во својата област за 2013та година. Воедно достојна почит на Манасијески со доделување на наградата „Горна Порта“ уште минатата година му искажа Лајонс клубот „Охрид“. Годинава пак Комисијата за доделување на награди и признанија додели само една Свети Климентова повелба.
„Врз основа на утврдените критериуми и резултатите од гласањето на Комисијата, истата донесе одлука годинешнава повелба „Свети Климент Охридски“ за заслуги, афирмација и промоција на Охрид и неговите вредности да се додели постхумно на Слободан Крлески. Слободан Крлески е еден од основачите на големите културноуметнички друштва од Охрид, еден од оние кои неуморно го пренесуваа фолклорот и традиционалните вредности на охридскиот крај во низа земји во светот, афирмирајќи го со тоа нашиот град, неговото име и неговото значење.“-вели Дејан Паноски-Комисија за доделување награди и признанија.
Традиционално, Светиклиментовата награда и повелбата се доделуваат на 8ми Декември, на свечената академија која се организира по повод патрониот празник на градов во Центарот за култура „Григор Прличев“.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град