• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Уметнички дела од Мајкл Клос како признание за медицинските сестри од Општа болница Охрид

Уметнички дела од Мајкл Клос како признание за медицинските сестри од Општа болница Охрид

Благородниот гест е признание за сестрите кои се херои во првите  линии во борбата со Ковид 19.  Сликите беа предадени на кратка манифестација организирана од Здужението за култура и уметност “Мацково” Охрид -Црвена Вода и Злата Змејкоска Гашпаровиќ, медицинска сестра во пензија.

 |   | 

Дваесетина дела,  платна и цртежи на светски познатиот ликовен уметник со македонско потекло, Мајкл Клос ќе ги красат домовите на медицинските сестри од ЈЗУ Општа болница Охрид. Уметникот ги испрати сликите од Торонто и ги донира во знак на признание кон Инфективниот оддел на Општата болница во Охрид, македонското здравство и министерот д-р Венко Филипче за справувањето со пандемијата на Ковид 19.

Уметникот и неговата сопруга Менка Змејкоска Клос, преку видео порака се обратија  до медицинскиот персонал на болницата.
„ Овој наш мал подарок е голема благодарност до министерот Филипче и неговата екипа, до д-р Балевски и неговиот персонал кои неуморно се ангажираат околу пациентите.“
„Ви посакувам да ја победите оваа болест. Ви благодарам за вашиот труд. “
 Сликите беа предадени на кратка манифестација организирана од Здужението за култура и уметност “Мацково” Охрид -Црвена Вода и Злата Змејкоска Гашпаровиќ, медицинска сестра во пензија, сестра на сопругата на уметникот.

„Директоре Балевски, Ви благодарам што ни овозможивте како Здружение Мацково, но и во името на уметникот и неговата уметничка и животна сопатинчка, Мајкл Клос и Менка Змејкоска Клос, да направиме еден мост, една подадена прекуокеанска хуманитарна рака на еден голем уметник и хуманист, кому оваа донација не му е прв пат, во вистинско време, на вистинско место за вистински херои. – кажа Веле Митаноски – Здужението “Мацково” Охрид – Црвена Вода

Во името на персоналот  благодарност изрази директорот на болницата, Д-р Горан Балевски, посебно затоа што акцентот на благородниот гест на уметникот е ставен на медицинските сестри од Одделението за инфективни заболувања и другите одделенија кои се ангажирани во грижата за болните од Ковид 19.

„Сакам во мое и во име на менаџерскиот тим да им оддадам  едно признание за се она што го прават изминативе месеци, навистина се покажаа и како служба и како медицински сестри во одлично светло. Му благодарам и на уметникот , што се сети на нас, затоа што неговите слики ќе ги разубават домовите на нашите медицински сестри кои навистина се херои во ова денешно време и ви благодарам на сите за целата оваа организација. “ – кажа Д-р Горан Балевски – Директор ЈЗУ Општа болница – Охрид.

За укажаната чест, во името на своите колешки се заблагодари главната медицинска сестра Анета Волканоска која рече дека  сестрите се хероите на првите борбени линии во пандемијата заедно со сите здравствени работници.

„Притоа работејќи со многу љубов, пожртвуваност, знаење и грижа не давајќи притоа никакви изговори. Благодарност и од мое лично име, горда сум на вакви сестри.“ – истакна Анета Волканоска – главна медицинска сестра.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој не беше во можност да присуствува на настанот, своето платно го подари на охридската болница. Д-р Балевски своето платно го подари на Одделението за нервно психијатриски болести. Кратката манифестација беше  директно пренесувана на социјалните мрежи од  порталот ohridnews и „Мега Продукција“. Мајкл Клос е еден од најплодните и најпрезентираните светски ликовни уметници зад кого стојат речиси 300 самостојни и групни изложби, во педесетина земји во светот и десетици ликовни колонии.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top