Во неколку наврати истите се санираа најпрво со бекатон плочки, а потоа и со асфалт, но за кратко време дупките повторно се појавуваат. Граѓаните бараат целосна реконструкција на улиците.
Повторно ударни дупки на коловозот на улиците „Абас Емин“ и „7ми Ноември“ Овие две улици кои важат за едни од најфреквентните во градов, пред само околу половина година го добија последното санирање на оштетувањата со асфалт, а пред тоа со бекатон плочки. Деновиве ситуацијата како пресликана од пред шест месеци. Оштетувањето на една од најдолгите улици во градов, „Абас Емин“ на дел од коловозот отишло дотолку што се гледаат сите претходни слоеви на асфалт, а од под асфалтот веќе се гледа и старата калдрма со која улицата некогаш била поплочена. Ги запрашавме граѓаните кои гравитираат на оваа улица што мислат за нејзината состојба.
„Еве видете ја сами. Еве на дело е. Нема што да ви речиме, на дело се гледа. Втора улица во градот е што работи најмногу, еве ја улицата, личи на улица?
„Проаѓам често, и некако сообраќај има, нема тротоари, тесна е. Горе има дупки, гледам, на горниов дел, не е средена за средена, катастрофална е.“
„Состојбата катастрофа, човек нема каде да помине, и да се размине. Многу е оштетена и нема друго што да кажам.“
„Што да мислиме, полошо од ова каде може да е? Вака со вирови, со автомобили паркирани по патов, така да не е безбедно многу за луѓето.“-рекоа дел од нив.
Слична состојбата и со уште една од поголемите улици, улицата „7ми Ноември“. Ударните дупки, особено во близина на фабриката „Братство Единство“ повторно отворени, а некои од нив се дотолку поопасни бидејќи се наоѓаат веднаш до обележаниот пешачки премин, каде при мало невнимание би можело да се случи и повреда на пешак. Во ситуација кога пред само околу половина година се извршила санација токму на овие две споменати улици, логично се наметнува прашањето околу квалитетот на извршената санација и квалитетот на употребениот асфалт. Секако за овие и слични вакви ситуации не би имало потреба да се разговара доколку се изврши целосна реконструкција на најоштетените улици во кои спаѓаат и двете споменати. На овие прашања од претставниците на Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици добивме ветување дека ќе добиеме одговор во текот на утрешниот ден.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град