• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Угостителскиот еснаф од Охрид со иницијатива за измена на Законот за заштита од пушење

Угостителскиот еснаф од Охрид со иницијатива за измена на Законот за заштита од пушење

На терасите, летните бавчи од угостителските објекти, да се пуши и во лето и зима, побара охридскиот угостителски еснаф. Оваа нивна иницијатива конечно дојде до Законодавниот дом, Парламентот, преку охридскиот пратеник Томислав Тунтев. Тој побара олабавување на Законот за заштита од пушењето со што угостителските објекти пак, ќе можаат релаксирано да работат согласно законските регулативи.

 |  Николоска Биљана  | 
tuntev

 

Олабавување на ригорозните мерки од Законот за заштита од пушењето за угостителите, предлага пратеникот на СДСМ Томислав Тунтев. Ова всушност доаѓа на иницијатива од угостителскиот еснаф на Охрид. Пратеникот Тунтев укажува дека со бројните измени и дополнувања на Законот од 2008 година наваму, воведувани се се’ построги правила кои, се премногу ограничувачки, како за пушачите, така и за вршителите на угостителската дејност. Според него актуелното законско решение само дополнително ја влоши економската состојба во сферата на туризмот и угостителството, посетеноста на угостителските објекти драстично опадна, а угостителскиот сектор доживува драстичен пад на прометот. Тунтев побара  во оној дел каде што и сега се пуши да продолжи да се пуши независно од метеоролошките услови.  

„Во услови на поволни метеоролошки услови може да се пуши затоа што од три страни е отворен и покриен а во услови кога дува ветер или кога се неповолни временските услови на истото место да не може да се пуши. Значи тоа од една страна дава можност за арбитрално толкување на законските прописи, доколку еден гостин дојде во тој дел надвор од објектот запали цигаре во меѓувреме се спушти еден најлон затоа што дува ветер и тогаш во тој момент може да дојде инспекција и да го казни и него и сопственикот“ – вели Тунтев.

Предлогот на охридската угостителска фела за олабавување на законот за заштита од пушењето, општо е прифатен и од останатите угостители во земјава, вели Михаил Мишев претседателот на еснафот на угостители од Охрид. Санкциите од досегашниот закон и тоа како влијаат врз работењето на угостителските објекти што доведува до загриженост и нелагодност во работата не само за сопствениците туку и за посетителите, категоричен е Мишев.  

„Кога ќе дојде доцна есен, зима или рана пролет, прометот кој што го остваруваме директно загрозен само заради тоа што на сила е законот за пушење на терасите. Oна што е казниво на зима тоа не е казниво на лето. Тоа нам ни пречи затоа го направивме овој чекор да се обратиме до законодавците да направат мала измена во тој дел од законот бидејќи влијае врз прометот. Се надеваме дека овој закон ќе помине и сметам дека никој од нашата фела тоа нема да го злоупотреби“- изјави Мишев.

Факт е дека временските прилики, односно релативно топлото време за овој период од годината им оди во прилог на угостителите. Поголем дел од посетителите не случајно избираат да седнат на терасите а го одбегнуваат затворениот простор,  бидејќи заради тоа излегуваат од дома. Останува да видиме дали пратениците ќе дадат зелено светло за новите измени кои им одат во прилог не само на охридските угостители туку воопшто на угостителите од цела земја.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top