Училиштата во градов, подготвени за новата учебна година

Училиштата во градов, подготвени за новата учебна година. Направени се повеќе градежни зафати, санација на одредени објекти како и генерални чистења на училиштата и дворните површини се со цел учениците да ги пречекаат во најдобро светло. Средствата кои биле издвоени од буџетот на општината делумно ги задоволиле потребите за санација на училиштата, а делумно тие се направиле од спонзорства.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Основните училишта во градов забрзано се подготвуваат за новата учебна година.
Распустот беше искористен за да се реновираат, исфарбаат, за да се уредат училниците, а се работеше и на дворните површини. Во уредувањето на ОУ „Христо Узунов“ биле вклучени и вработените. Директорот Тони Симоноски вели дека сите заедно работеле за училиштето на 1ви септември да светне во полн сјај.

Деновиве сме во фаза на правење дератизација и дезинсекција, а поради земјотресите кои го зафатија нашиов регион летово ние направивме и една сеизмолошка анализа на нашата зграда и можам да кажам дека е во една солидна состојба, а со средства од спонзори набавивме и столчиња кои ни недостасуваа за во училниците и во канцелариите, вели Симоноски.

Летово интензивно се работело и на уредување на училиштето Св. „Климент Охридски“. Во ова училиште биле направени повеќе санациони зафати со кои се подобриле условите за одржување на настава. Во тек е изградба на уште една училница која ќе ја користат учениците од пониските одделенија. Таа се прави со средства кои се донирани од повеќе спонзори.

Во летниот период беше направена и канцеларија за инклузивниот дефектолог. Ова просторија ќе му овозможи поефикасно извршување на своите работни задачи. И таа е направена со средства кои се донација од спонзори , вели Јордан Пуроски-директор на Св. „Климент Охридски“.

Основното училиште „Григор Прличев“ и ова лето се соочило со еден горлив проблем. Во повеќе наврати зградата на училиштето била мета на хулиганско однесување. Несовесни деца влегуваат во дворот на училиштето ги оштетуваат клупите, кршат стаклени шишиња и прават неред. Директорката Силвија Мојсоска апелира до граѓаните да не се повторуваат вакви немили настани бидејќи училиштето е простор кој треба да биде пријатно катче за нивните деца, а не простор каде некој ќе покажува сила и моќ. Покрај тоа летово интензивно работеле и на подобрување на условите за настава во училниците. Опремени се две училници со тв приемници и компјутери, во некои училници е заменет и инвентарот, а деновиве ќе се прави генералка на училиштето, а со помош на ЈП „Охридски Комуналец“ ќе биде дворот детално измиен и исчистен.

За новата учебна година се подготвуваат и средните училишта во градов. Во Охридската гимназија е интервенирано на централното греење. Извршени се поправки и замена на шиберите, направено и варосување, а деновиве ќе се врши дератизација и дезинсекција. Добиена е и една поголема донација на школски столчиња, а во неколку училници е заменет и инвентарот. Во ЕМУЦ СВ. „Наум Охридски“ летово се подготвувала една училница за учениците од машинската струка, се извршило варосување, дезинфекција и дератизација, а посебно се работело на оплеменување на дворната површина каде се поставени клупи кои учениците ќе ги користата на нивните одмори.

И од Локалната велат дека подготовките во сите училишта во градов за почетокот на новата учебна година се при крај. Средствата кои биле издвоени од буџетот на општината делумно ги задоволиле потребите за санација на училиштата, а делумно тие се направиле од спонзорства.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top