Убавините на Охрид и Македонија магнет за љубителите на авантуристичкиот туризам

Македонија во наредните денови на  вљубениците во авантурите од Балканот и пошироко ќе им ги нуди своите убавини и недопрени предели. Во Охрид започна големата регионална конференција за активен туризам на која учествуваат повеќе од 300 експерти, претставници на 65 познати светски туроператори и 25 специјализирани медиумски куќи од целиот светкои ќе се уверат дека нашата земја има огромен потенцијал кога станува збор за активниот туризам.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Убавините на Охрид и Македонија магнет за љубителите на авантуристичкиот туризам. Започна меѓународната конференцијата за активен туризам, што се одржува Охрид на која учествуваат 300 делегати. Меѓу нив има врвни експерти од областа на туризмот и новинари од 25 влијателни светски медиуми, како и блогери и други професионалци. На конференцијата присуствуваат и  65 светски тироператори од А листа, кои ќе ги продаваат македонските туристички производи заедно со 17 домашни агенции.

Првичните впечатоци од гостите се многу позитивни. Тие денеска се на промотивни тури низ земјата. Ќе ги видат можностите за параглајдинг во Крушево и Охрид, мечките на Маврово и убавините на Галичица, изјави Лела Крстеска, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Конференцијата е поддржана од Светската туристичка организација, според која Македонија има големи компаративни предности за развој на активниот туризам.

Активниот туризам е еден од најголемите трендови во туризмот. Сметам дека Македонија има големи компаративни предности за развој на овој вид на туризам. Впрочем учеството на 17 земји на оваа конференција е најдобар показател за тоа. Бројките од изминатите неколку години покажуваат дека Македонија има најголем раст на туризмот во регионот и јас се надевам дека тој тренд ќе продолжи и се повеќе туристи од целиот свет ќе ја посетуваат земјата, изјави Марјан Хрибар од Светската туристичка организација.

Балканот нуди огромни можности за развој на алтернативен туризам, но земјите од овој регион треба заедно да ги нудат дестинациите за активен туризам, бидејќи само така ќе бидат конкурентни на светскиот пазар, сметаат експертите. Потенцираат дека најпрво треба да се надминат големите административни пречки.

Пред се тука мислам на пречките околу преминувањето на границите, третманот на здравственото осигурување на патниците во различните земји, што е исклучително важно за туристите кои практикуваат активен туризам, вели Венета Андонова од Американскиот универзитет во Благоевград, Бугарија.

Татјана Аниќ од „Експлорер Србија”, пак, укажува на потребата од поголема професионалност, што според неа е неопходно за развој на активниот туризам.

Потребни се повеќе специјализирани туристички водичи, соодветни мапи со опис на туристичките тури, прилагодени на луѓето кои преферираат активен туризам, додава Аниќ.

Оваа балканска конференција која е прва од овој вид е организирана во соработка со УСАИД и Владата на Швајцарија, а со поддршка на Светската туристичка организација и општина Охрид.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top