Туристичката сезона успешна и покрај ковид пандемијата

Летната сезона 2021 заврши. Туристичките работници ја оценуваат како успешна, но не доволна за закрепнување од ковид кризата. Туристичкиот сектор повторно очекува финансиска поддршка од државата.

 |   | 

Изминатава туристичка сезона и покрај ковид пандемијата може да се оцени како успешна. Охрид го посетија голем број странски и домашни туристи. За разлика од минатите години пред пандемијата, кога најбројни туристи на брегот на Охридското езеро беа Холанѓаните и Турците, ова лето најбројни беа гостите од Полска и Украина.

Украинскиот пазар изненади и дојде во голем број. Полските гости се вратија и околните држави околу нас. Србија, Косово и Албанија беа едни од гостите кои го посетуваа најмногу Охрид – вели Филип Стефаноски, тур оператор од Охрид.

И покрај успешноста сезоната беше кратка, почна во јуни заврши во август. Туристичките работници велат три месеци не се доволно да се покријат трошоците за целата година во туристичкиот сектор, па затоа повторно очекуваат финансиска поддршка од државата.

Тешка зима ќе имаме сигурно, затоа што еве пандемијата си го прави своето, еве во нашето опкружување во околните држави и Европа. Државата беше партнер се надевам дека ќе биде партнер и во иднина и дека ќе го поддржи туристичкиот сектор се до опоравување и нормализација во туризмот – вели Стефаноски.

Летната сезона 2021 не може да се споредува со сезоната 2019, која се смета за најуспешна со рекордни остварени милион ноќевања во земјава. Туристичките работници се надеваат дека од идната пролет конечно светот ќе се врати во нормала, а со тоа и туризмот ќе се врати на старите патеки без никакви ограничувања.

 

Новинар Соња Рилковска

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top