Трпејчани ќе добијат канализациона мрежа и пречистителна станица

Локалната самоуправа обезбедила средства за изградба на канализациона мрежа и пречистителна станица во Трпејца.

 |  Мишел Наумоски  | 

Се гледа ли крајот на еден од најгорливите проблеми на жителите на туристичката населба Трпејца, немањето на фекална канализација? Градоначалникот Бакрачески информираше дека нивните тригодишни лобирања и интензивни контакти со голем број институции конечно вродиле со плод. Покрај изградбата на фекалната канализација, Бакрачески рече дека ќе биде изградена и пречистителна станица за третирање на отпадни води.

„Ние во текот на минатата година успеавме да обезбедиме средства преку програмите на југозападниот плански регион во кој што активно партиципира општина Охрид за изработка на комплетен основен проект за изградба на канализациона мрежа и пречистителна станица и тоа е обезбедено. Врз основа на тој проект ние аплициравме во Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, и таквиот проект беше со наше лобирање прифатен и влезе во програмата на Министерството за животна средина за 2016та година.“-вели градоначалникот Никола Бакрачески.

Градоначалникот Бакрачески изрази надеж дека министерството ќе ја испочитува зацртаната програма и дека во текот на оваа 2016та година ќе се отпочнат подготвителните работи за изградба на овие инфраструктурни проекти. Изградбата на канализационата мрежа и пречистителната станица во неколку наврати беа потенцирани и од страна на самите трпејчани како најгорливите проблеми со кои тие се соочуваат, а со оглед на тоа дека станува збор за една од најпосетуваните туристички населби во градов, овој проблем и тоа како добиваше на тежина. Градоначалникот Бакрачески уште во јули 2014та година најавуваше решавање на овој проблем. Тогаш во игра беа неколку опции.

Локалната да е таа која ќе обезбеди средства за изградба на системот за прочистување на отпадните води, добивање на донација од кинеската влада, како и опција истите да бидат изградени во соработка со Центарот за развој и меѓународна соработка со Словенија кои би дале 40 % од средствата како грант, а 60% како кредит со една година грејс период.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top