Прва ваква соработка во Охрид ќе остварат Регионалната занаетчиска комора и Електромашинскиот училишен центар „Свети Наум Охридски“.
Трите средни училишта од Охрид, денес потпишаа меморандум за соработка со Занаетчиската комора на Македонија и нејзиниот регионален огранок.
Меморандумот е донесен по заклучок на Владата на Република Македонија, а освен во Охрид, ваков документ комората потпишала и со училишта во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Штип.
„Секако со овој меморандум може да се допринесе многу за подобар кадар на занаетчиската структура. Учениците да посетуваат практична настава кај занаетчиите и на тој начин да соработуваме за доброто на сите.“-рече Весна Симова, претседател на Занаетчиската комора на Македонија.
Вршителот на должност директор на електромашинскиот училишен центар „Свети Наум Охридски“, Јане Цаноски вели дека секоја иницијатива која го подигнува нивото на квалитетот на образованието е општо прифатена.
„Верувам дека ќе имаме една успешна, координирана, ефикасна соработка со Занаетчиската комора во насока на подигање на квалитетот на образованието на младите. Инаку што се однесува до образовниот процес во нашето училиште, ние веќе имаме образовни профили и струкии во кои учениците изведуваат практична настава надвор од училиштето. За наредниов период еве ова е еден начин како да се регулираат и канализираат сите тие активности кои ќе ги преземаме во насока на организирање на практичната настава на тие ученици надвор од нашето училиште.“-вели в.д директорот на ЕМУЦ „Свети Наум Охридски“, Јане Цанески.
Прва соработка која ќе произлезе од потпишувањето на овој меморандум е токму соработката помеѓу електромашинскиот училишен центар и Регионалната занаетчиска комора.
Дел од практичната настава, учениците од ова училиште ќе ја изведуваат како автомеханичари, неколку машински профили и козметичарки. За наредната учебна година Регионалната занаетчиска комора најавува нови планови.
„Во старт сакам да кажам, тоа се договоривме ние како комора и тројцата директори на средните училишта, дека за учебната 2014/2015 ние како комора имаме предлог да се отворат уште две занаетчиски паралелки, една фризерско-берберска и една текстилна паралелка. Се надевам дека ќе успееме повеќе да соработуваме со средните училишта, се со цел подобрување на условите за учениците во делот на изучување на практичната настава.“-рече претседателот на регионалната занаетчиска комора, Сашо Богоески.
Инаку ваква иницијатива за отворање на нови занаетчиски паралелки во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“, Регионалната занаетчиска комора покрена и минатата година, но за жал таа не беше прифатена од Министерството за образование.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град