Трет Балкански поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“

Во организација на Здружението за литература и култура „Мацково“ од Охрид, денеска и наредните два дена, се одржува Третиот Балкански поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“. Учесници се млади поетски надежи од Македонија, Србија и Албанија – со физичко присуство, уште и од  Бугарија и од Босна и Херцеговина – Република Српска. Младите творци од поетскиот камп ќе ја испратат пораката дека културните вредности се безгранични и безвремени.

 |   | 

Денеска во Охрид започна со работа Третиот Балкански поетски камп за деца и млади  “Ванчо Николески”. Учесници се млади поетски надежи од Македонија, Србија и Албанија – со физичко присуство, уште и од  Бугарија и од Босна и Херцеговина – Република Српска. На учесниците успешна работа и пријатен престој во охридскиот регион им посака заменик градоначалникот на Охрид , Ристо Николески, кој изрази надеж дека историјата и убавините кои ќе ги видат ќе се преточат во нивните поетски творби

Вистинско задоволство е да се биде помеѓу млади надежни поети и поетеси за кои силно сум уверен дека во блиска иднина ќе прераснат и во светски познати имиња, а ние како домаќини ќе бидеме горди што сме ги имале во посета на нашиот град. Прочекорете по охридската калдрма, по сокаците по кои чекореле плејада истакнати личности, по калдрмата каде секое камче има своја приказна. Се надевам дека идните генерации охриѓани со пиете ќе зборуваат за вашата посета на градот на светлината – истакна во обраќањето Николески.

Во следните два дена младите поети преку своите творби ќе испратат порака дека културните вредности се безгранични и безвремени. Во таа насока се и поздравните писма со поддршка на кампот во кој се посочува дека тој е пример кој промовира соработка и разбирање помеѓу различни култури афирмирајќи ја литературата. Веле Митаноски од Здружение за литература и култура „Мацково“ кое е организатор на Балканскиот поетски камп ја пренесе пораката од Претседателот на државата Стево Пендаровски.

Во писмото од претседателот Стево Пендаровски се истакнува дека треба да се поддржуваат културните манифестации, особено оние коишто собираат деца и коишто негуваат меѓународна соработка. Истотака добивме и поздравно писмо од Светската поетска Академија при УНЕСКО со седиште во Верона Италија, што за нас е посебно значајно затоа што ние сме град на УНЕСКО – рече Митаноски.

Во поетскиот камп вклучени се културно информативните центри од соседните земји, при што најтесна соработка е воспоставена со КИЦ во Софија – заедно со Друштвото на писателите на Бугарија, Македонското друштво “Илинден” од Тирана, како и Националниот совет на Македонците од Србија.

Во денешно време кога се повеќе го губиме контактот со пишани документи, сметам дека е многу важно за нашиот социјален развој да читаме и пишуваме. Младите во овој електронски свет треба да се навратат на постарите вредности затоа што поинаква е магијата кога нешто ќе прочитате од книга. На децата секогаш треба да им се предочува важноста на литературата – кажа младата поетеса и студентка по новинарство од Белград, Катерина Орговиќ.

Поетскиот камп во себе носи благородна идеа да се поттикне творештвото кај младите и да се негува она што е напишано за идните генерации. Ова е посебно важно во време кога светот се соочува со криза која ги зафати сите сфери на живеењето да не дозволиме криза и на духот, истакна Тоде Илиевски поет, писател за деца и млади.

Во тој контекст и творештвото за деца и млади ќе го добие своето место односно во годината во која одбележуваме 100 годишнина од раѓањето на големиот Блаже Конески, многу повеќе приврзаници и творци кои ќе го користат на најубав можен начин Македонскиот јазик – кажа Илиевски.

Покрај во Охрид, одделни манифестации ќе се одржат уште во Струга, Вевчани, Белчишта, како и во селото Црвена Вода, родното место на писателот за деца и основоположник на македонската литература за деца, Ванчо Николески. Учесниците ќе бидат гости и на Струшките вечери на поезијата.

 

 

 

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top