Трендот на сообраќајни незгоди од лани се повторува и годинава

Ова е оценката на Републичкиот совет за безбедност на патиштата за големиот број на сообраќајни незгоди кои се случуваат на македонскиот асфалт.

 |  Мишел Наумоски  | 

Сообраќајната култура и непочитувањето на правилата и прописите за безбедно учество во сообраќајот се на ниско ниво во земјава-велат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот. Според претседателот, Зоран Јошевски, процесот на промена на свеста е бавен и не може преку ноќ да се очекува некакво подобрување. Во таа насока тие се фокусираат на децата на возраст од 7 до 14 години како од мали нозе би се изградиле правилни навики за безбедно учествување во сообраќајот. Во моментот, според Јошевски бројот на сообраќајни незгоди и жртви ги потврдуваат нивните констатации околу непочитувањето на сообраќајните прописи.

„За жал и оваа година трендот на сообраќајни незгоди и жртви во сообраќајни незгоди го имаме од претходната година, значи нема подобрување, евидентни се одредени пикови, каде имаме одредено намалување, одредена латентност, па веднаш потоа како што се случија сега за викендов сообраќајни незгоди и тоа не е добро, гледано од научен аспект. Добро е кога имаме одреден тренд безразлика дали е зголемување или намалување. Дури и да е зголемување, ќе знаеме дека сме на погрешен пат и нешто треба да менуваме. Нас ни се случува да имаме пикови, одреден пад па кревање. Но просечно ако земеме состојбата е иста со претходната година. Немаме некое влошување или подобрување. Ист е просекот.“-вели Јошевски.

Јошевски вели дека квалитетот на одредени патишта низ земјава, вклучително и некои автопатски делници и тоа како придонесуваат за ваквите биланси на случени сообраќајни незгоди. Додава дека очекуваат да има одредени подобрувања по завршувањето на изградбата на патната инфраструтура на која во моментот се работи.

„Минатата година со една спроведена студија констатиравме дека и одредени автопатски делници имаат аномалии, не ги исполнуваат критериумите за она што треба да го исполнува една автопатска делница. Тука ќе се работи. Тука веќе Владата лоцира одредени критични локации и работи на тој проблем. Ние како Републички совет учествуваме советодавно и мислиме односно убедени сме дека ќе има подобрувања после одреден период.“-рече Јошевски.

Инаку, на почетокот на годинава, Републичкиот совет за безбедност одржал и научна трибина заедно со координативното тело од Владата на Република Македонија, за унапредување на безбедноста на патниот сообраќај, каде што акцентот бил ставен токму на значењето кое го има факторот патна инфраструктура во нивото на безбедност во сообраќајот.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top