Нема простор за никаков протест на жителите на Дебрца бидејќи за изградба на асфалтната база испочитувани биле сите законски прописи, вели Градоначалникот Игор Трајкоски. Дебрчани за в недела најавија мирен протест поради изградбата на асфалтна и бетонска база и сепарација во местото викано Царополе. Доколку и покрај протестот се продолжи со изградбата тие ќе преземат порадикални мерки, односно блокирање на патниот правец Охрид-Кичево.
Дебрчани ќе протестираат. Од здружението на граѓани Песочан информираат дека во недела во 10 часот ќе одржат мирен протест во Ново Село покрај бензиската пумпа, против изградбата на асфалтна и бетонска база и сепарација во местото викано Царополе. На протестот ќе биде побарано од надлежните институции да ги преземат сите потребни мерки против изградбата на базите и зачувувања на животната средина. Доколку градежните активности продолжат, месното население најавува дека ќе се почне и со порадикални мерки, односно блокирање на патниот правец Охрид-Кичево. Градоначалникот на Општина Дебрца, Игор Трајкоски вели дека е информиран за протестот и за барањата на здружението на граѓани Песочан, но не гледа причина за тоа.
Се работи за изградба на асфалтна и бетонска база во областа Ново село во функција на изградба на самиот автопат. Доколку се запазуваат сите законски прописи не гледам зошто да не се изгради оваа асфалтна база, вели Трајкоски.
Жителите од Дебрца и претходно протестираа против изградбата на асфалтната и бетонска база, предупредувајќи дека тоа ќе предизвика големи негативни последици врз животната средина во околината. Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, при посетата на Дебрца најави дека ќе оствари средба со инвеститорот и со локалното население, кое се противи на изградбата на асфалтна и бетонска база во месноста Царополе со цел да се изнајде заедничко и соодветно решение и за двете страни.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град