Екипите на Црвениот Крст од Охрид до сега одговориле на 370 интервенции на укажување на прва помош на охридските плажи. Исто така учествувале во извлекување на 7 давеници. Претседателот на Црвениот крст Сашо Точков, со апел, да се користат само безбедните капалишта каде што се присутни спасителите на Црвениот крст и онаму каде што концесионерите обезбедиле услови за капење, спорт и рекреација.
Крајно време е на Охридската ривиера комплетно да бидат воспоставени безбедни услови на капалиштата. Сите концесионери треба да ги почитуваат законските одредби од правилникот кој е донесен од страна на Капетанија на пристаништата на Македонија и Министерството за транспорт и врски, укажува претседателот на Црвениот Крст од Охрид, Сашо Точков. Засега, според Точков, на охридското крајбрежје небезбедни се 30% од капалиштата, додека пак во соседна Струга и Преспанскиот регион дури над 50% од капалиштата се небезбедни.
„Имаме доста неодговорни концесионери, пробавме да разговараме со нив, но и во вид на соопштение со точен приказ на секое капалиште што има, што му недостасува, колку е безбедно, го испративме до Капетанија, Министерството за транспорт и врски, до Локалните самоуправи на Охрид, Струга и Дебрца на 5 ти јули оваа година“.
Точков ја пренесе моменталната слика на плажите на охридското крајбрежје во делот на интервенции во кои учествувале нивните тимови. Досега укажале прва помош на 370 лица од посекотини, вртоглавици, а исто така учествувале и во извлекување на 7 давеници.
„Имавме еден давеник во Струга, не во делот каде што е спасителот, каде што е обележано за капење, туку на 400 метри од брегот, но сепак спасителите на Црвениот Крст го извадија, направија се што е потребно, реанимација но за жал, лицето долго време било под вода и немаше спас. Исто така последниот случај што беше на една од плажите кај Св.Стефан, каде што има навистина можам да кажам тотален хаос во однос на безбедносните услови, 7-8 плажи работат „турбо“, но никој нема ни соодветни услови за безбедно капење“.
Точков укажува дека треба сите плажи на охридското крајбрежје да се безбедни, за да не се случуваат сериозни инциденти. Тој вели дека очигледно е дека онаму каде што има спасители и пунктови на Црвениот Крст, капачите се чуствуваат побезбедно, бидејќи спасителите будно ја следат состојбата што се случува на капалиштето и воспоставуваат ред.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град