Додаваат дека терапијата за оваа заразна болест е бесплатна и болните ја добиваат полната поддршка од инфективното одделение при Општата болница од Охрид. Денес е светскиот ден за борба против осмиот најголем убиец во светот, вирусниот хепатитис.
Охриѓани во текот на целата година се информираат за вирусниот хепатитис, добиваат совети, но и институционална поддршка при лекувањето. Денес е светскиот ден за борба против хепатитис. Ова вирусно заболување е осмиот најголем убиец во светот, но за жал најголемиот дел од луѓето не се свесни за штетните последици од истиот. Целта на одбележувањето на 28ми Јули, меѓу другото е да се подигне свеста за вирусниот Хепатитис, да се повика на еднаков пристап до третман лекување, да се подобрат програмите за превенција и да се вклучат владите во борбата против хепатитисот. Според Царева Рувинова од невладината Опција од Охрид, охриѓани ги имаат овие услови.
„Можам да кажам дека охриѓани имаат голема свесност. Свеста на Охрид е на едно повисоко ниво за тестирање. Преку целата година се јавуваат луѓе кои што сакаат да се тестираат. Во Охрид во инфективното одделение имаме терапија која што е бесплатна, лицата кои што се позитивни на Хепатитис Ц или хепатитис Б ги прифаќаме, им праќаме крв во Скопје за да се одреди генотипот, дијагностичката процедура до последното конзилијарно мислење на професорите од Скопје, се оди со наша помош односно помошта на инфективното одделение.“-вели Царева Рувинова од НВО Опција од Охрид.
Младен Божиновски од Црвениот крст од Охрид, вели дека трета година со ред организираат настан со кој го одбележуваат денешниот ден, но и дека во текот на целата година работат на едукација и советување на населението околу вирусниот хепатитис.
„Тековно или во текот на годината во континуитет се работи на вакви превентивни активности или превентивни програми кога станува збор за преносливи заболувања како хепатит Ц или Б или хепатит воопшто. И воедно и ХИВ програмите, превентивните програми за ХИВ. Граѓаните, сите оние кои се заинтересирани може во текот на годината во секое време да се обратат до нас, да добијат пред тест, пост тест советување и бесплатно тестирање за истите и доверливо анонимно советување. Дискрецијата е во секој случај загарантирана.“-рече Младен Божиновски од Црвениот крст од Охрид.
Од невладината Хепта од Скопје велат дека во минатото најголем акцент бил ставан на типовите Б и Ц од вирусниот хепатит, но дека годинава за прв пат се обрнува внимание на сите останати типови. Со 220 до 250 заболени лица годишно од хепатит Б и 1,8 жители на 100.000 заразени со хепатит Ц, Македонија не отскокнува премногу од светскиот тренд кај ова вирусно заболување додаваат од Хепта.
„Бројката ако зборуваме по градови е најголема во Скопје, што е и за очекување поради тоа што во Скопје живее една третина од целокупното население, но сепак нашето здравство гледа сите овие случаи да ги покрие и да ги стави под терапија. Терапијата кај нас е на позитивна листа и е достапна за сите пациенти во нашата република.“-изјави Розалинда Исијановска-НВО Хепта
Инаку годинава, невладините Опција и Хепта како и Црвениот крст од Охрид, Светскиот ден на хепатитисот го одбележуваат со едукативни работилници на тема хепатит, но и со голем хуманитарен концерт на кој ќе настапат повеќе музички имиња од Охрид како Ѓоко Танески, Боби Мојсоски, Миланка Новеска, Бекдор бенд и многу други, а средствата кои ќе бидат собрани од граѓанските донации ќе бидат наменети за спас на 11 годишно момче од Охрид кое боледува од многу тешка болест и на кое му е потребна е итна операција во Пекинг.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град