Свадби на затворено ќе може да се организираат од утре

Ќе се организираат свадби во затворен простор со максимум 250 гости. Важат протоколите за забранет физички контакт и задолжителна дистанца.

 |   | 

Од утре судбоносното „ДА“ ќе може да се каже и на затворено. Владата донесе одлука да се организираат свадби и во затворени простории со максимум 250 лица, но не повеќе од 40% од капацитетот на просторот. Одлуката ја поздравија од асоцијацијата на хотелиери. Според Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ, бројката од 250 гости на свадба задоволува 90 проценти од барањата на угостителите. Забелешките биле предходно кога беа дозволени само 100 гости на отворено, а сега се очекува дека ќе има пораст на бројот на веселби со оглед на тоа што дел од свадбите се заостанати од минатата година.

„Еден чекор сме понапред од условите кои беа дадени минатиот пат со правење свадби само на отворено, затоа што капацитетите на такви објекти не ни се многу големи, зборуваме за свадби. Значи сите ресторани и хотели имаат затворени објекти и тоа е една позитивна работа и мислам дека бројката на свадбите оваа година ќе се исполни затоа што имаме заостанати од минатата година и имаме нови барања за нови свадби така да ќе настанеше голем проблем од тој аспект“– истакнува Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

Протоколите за одржување на свадба во затворен простор предвидуваат максимум шест лица на иста маса со обезбедена препорачана дистанца помеѓу нив. Организаторот треба да достави список на гости до менаџерот на угостителскиот објект кој има обврска да го евидентира секое лице. Физичкиот контакт меѓу гостите е забранет, како и играњето и пеењето, а дозволено е присуство на музичари. Блажески вели дека веќе се навикнати да ги спроведуваат протоколите, како угостителите, така и гостите и дека нема да има проблем во делот на почитување на истите. Во поглед на заштитата од пренесување на заразата, истакнува дека не очекува поголеми проблеми.

„Со оглед на тоа дека вработените во хотелите веќе се 80 проценти вакцинирани тоа е еден добар показател. Самиот вирус не е присутен како што беше пред неколку месеци, мислам дека нема да имаме проблеми. Имавме стравови минатата година кога пред сезона во тој летен период имавме на 3-4000 активни случаи, веќе паднавме на минимална бројка од 200 активни случаи и мислам дека за следните неколку недели таа бројка би се намалила и не очекувам некои позначајни проблеми во однос на ширење на пандемија преку свадби“, вели Блажески.

Зголемување на капацитетите на гости беше барање на угостителите кои не се согласуваа со предходната одлука за 100 гости на веселба во отворен дел од објектот со 50 проценти искористеност на просторот. На вчерашната Владина седница беше донесена и одлука за доделување на финансиска поддршка на вкупно 745 естрадни уметници, од 30.750 деари еднократно по лице.

 

Новинар: Кристина Алексиеска

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top