Се разгледуваат сериозни можности струшката депонија да биде дислоцирана и да се изнајде трајно решение, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески. Стружани очекуваат реализација на нивните барања доставени до новата Влада, во спротивно најавуваат радикализирање на протестите.
Владата сериозно ќе пристапи кон надминување на проблемот со струшката депонија, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, при неговата посета во Охрид. Тој истакна дека овој проблем кој има децениска природа, посебно бил актуелизиран со доаѓањето на новата Влада.
„Јас како министер, заедно со Владата направивме се, прво пожарот кој што беше на депонијата да биде изгаснат. Тоа го направивме иако бевме обвинувани дека не сме правеле ништо, ете за жал претходната власт не направи ништо последниве 11 години околу депонијата и морам конкретно да кажам дека сериозно сум револтиран бидејќи луѓето кои 11 години имаа можност да поправат многу работи сега на две недели од избор на новата Влада ги слушаме дека се главни критичари не ми се верува кога ќе слушнам такви изјави кои што ги даваат нивните пратеници и функционери“.
Сугарески тврди дека како одговорна Влада, се што е во рамките на нивната надлежност ќе направат да се изнајде правилното и трајно решение за депонијата во Струга. Министерот рече дека не сакал да се врзува со рокови од 10 или 15 дена, но истакна дека во најбрз можен рок ќе настојуваат депонијата да биде дислоцирана од таму, за да ги спасат стружани од долгогодишниот проблем.
„Како Влада, иако не е ресорот кој што Министерството за транспорт и врски не е надлежено околу префрлање на депонијата на друга локација, се разгледуваат сериозни можности да депонијата во наредниот период биде префрлена од таму, меѓутоа паралелно со тоа да се изнајде и трајно решение. Така да работиме интензивно на тој проблем и за брзо време и преку Министерството за животна средина и преку Владата ќе биде соопштено која ќе биде локацијата“
Како што веќе континуирано информираме граѓаните на Струга подолго време организираат протести за трајно решавање на проблемот со струшката депонија. На последниот протест, од граѓанската иницијатива „Доста“, побараа од надлежните во рок од петнаесет дена со помош на работно тело составено од експерти да излезат со предлог локации кои ќе имаат најмининални влијанија врз здравјето на луѓето. Еден од апелите до властите е и тоа, што побрзо да се создадат услови за формирање на регионални депонии, бидејќи сметаат дека тоа е целосно решение на проблемот не само за дивата депонија во Струга туку и за многу депонии ширум Македонија.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град