Според Државниот завод за ревизија студентските домови во државава се во големи долгови. Првиот човек на охридскиот студентски дом, Марјан Ристески вели дека кај нив состојбата не е алармантна. Деновиве заврши и конкурсот за нов директор на овој државен студентски дом.
Студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид има долг од 34 000 евра. Според податоците од Државниот завод за ревизија студентските домови во државава се во големи долгови. Во споредба со останатите сепак состојбата во охридскиот дом е најрозова. Тој е најдолу на листата на сите домови според заостанатиот долг што го има. Директорот Марјан Ристески вели дека сликата која е дадена во извештајот на Државниот завод за ревизија не е реална и објаснува за што станува збор.
Не се работи за долг кој го има државниот студенски дом туку се работи за неподмирени трошоци кои се во валутен рок. Во таа сума влегуваат и обврските за исплата на плати за месец декември, за плаќање струја, вода и други комунални трошоци. Тоа е сума што е тековна и не се работи за долг, вели Ристески.
Во извештајот на Државниот завод за ревизија не е наведено дека студентскиот дом „Никола Карев“ пренесува 6 милиони денари во наредниот период како вишок на приходи од претходната година, вели директорот Ристески. Тој потенцира дека сите заостнати долгови кои ги наследиле од претходната гарнитура биле подмирени и дека домот работи рентабилно. Ристески кажува дека на директорската функција е од 2009год. кога затекнал многу проблеми во функционирањето на домот па во прашање бил доведен и неговиот опстанок. Сега тоа е надминато, додава директорот. Неговиот мандат истекува на 22 јуни па во тек е постапката за избор на нов директор.
Конкурсот заврши , заврши и интервјуто со кандидатите. Според моите сознанија јас сум единствениот претендент за директор на домот, СЕ надевам дека уште еднаш ќе ја добијам довербата за да ја извршувам оваа функција, вели Ристески.
Ристески вели дека во иднина ќе се залагаат да ги анулираат забелешките на Државниот завод за ревизија. За тоа дека во студентскиот дом „Никола Карев“ има мал број на вработени во однос на бројот на студентите кои таму се сместени или во бројки на еден вработен отпаѓаат седум студенти, Ристески со став дека технички персонал има доволно. Единствено би можел да се зголеми бројот на вработените во администрација бидејќи со новите законски измени се зголемува обемот на работа. Државниот закон за ревизија потенцира дека вработените во охридскиот дом земаат највисоки плати. За тоа Ристески вели дека платата се креира според дополнителните средства со кои располага домот. Во тек е и постапката за легализација на државното земјиште на кое се наоѓа домот, а во предвид ќе се земе и забелешката за изработка на ВЕБ страна на домот како на тој начин би станал потранспарентен и подостапен до сите.
Инаку, во студентскиот дом „Никола Карев“ има 231 легло од кои во моментов исполнети се 163. Има најава за пристигнување на 70 интернационални студенти кои студираат на универзитетот Св. Апостол Павле. Доколку пристигнат, капацитетите ќе бидат исполнети 100%. Во студентскиот дом условите се на задоволително ниво и соодветствуваат на сместувачки капацитет со три ѕвезди, кажува директорот. Постојано се вршат зафати за уредување на ентериерот, а добро функционира и ресторанскиот дел каде студентите добиваат три оброци. Во летниот период во јули и август студентскиот дом се издава на туристи со што се надополнува неговиот буџет.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град