Студентите од ФТУ ја даруваа својата скапоцена течност

Студентите од ФТУ, но и редовни крводарители денес  ја даруваа својата скапоцена течност. Ова е последна крводарителска акција во организација на Црвен крст- Охрид за оваа година. Радува фактот што од година во година расте бројот на млади крводарители.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Црвен крст од Охрид ја реализира последната крводарителска акција за оваа година. Денес крв даруваа студентите од ФТУ, но и редовни крводарители кои учествуваат на сите акции. Охридската организација посебно внимание обрнува на одржувањето на крводарителските акции, а посебно на стимулацијата на младите да се вклучат во нив.

За среќа бројот на младите крводарители расте. Задоволни сме и од одѕивот на средношколците каде редовно се организираат по две крводарителски акции на полнолетните ученици. Тоа е наесен и напролет па продолжуваме понатаму со ваквиот тренд, вели Анета Јованоска, волонтер во ЦК Охрид.

Зголемувањето на бројот на младите крводарители се должи на повеќе фактори. Постојаната едукација од страна на волонтерите на Црвен крст, едукацијата од професорите, но и влијанието на врсниците кои веќе станале крводарители се главните причини за подмладување на клубот на крводарители во Охрид.

Заслугата е од сите, не е само наша. Голема улога играат и медиумите, еве голема благодарност до вас кои како медиум ги следите сите наши акции, а со тоа ги поттикнувате граѓаните, посебно младите да ни се приклучат, рече Јованоска.

Годинава се реализираа 12 крводарителски акции со што е исполнет планот на Црвен крст кога станува збор за крводарителството. Денес беа собрани околу 30 единици крв што е во рамките на очекуваното од оваа акција.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top