Старата година изминува и кај секој граѓанин остава различни впечатоци. На само неколку часа пред доаѓањето на оваа новата, ги запрашавме охриѓани, што е она што тие го очекуваат во 2014та година и колку веруваат во подоброто утре кое сите го чекаме. Желбите, очекувањата, надежите за новата, различни кај сите.
Изминуваат последните часови од 2013та година, година која кај сите ќе остави различен впечаток, година која некои ќе сакаат вечно да ја паметат, но некои и веднаш да ја заборават. Часовникот несопирливо отчукува и ги брои последните минути од годинава, а оние кои досега не помислиле што сакаат од оваа новата, ова е вистинскиот миг тоа да го сторат. Еве што нашите сограѓани очекуваат и колку се оптимисти дека Новата 2014 година ќе биде подобра од оваа во заминување.
„Очекувања? Да биде побогата од оваа година, народот да биде позадоволен, и да оди вака како што е, да биде подобра од оваа година.“
„Секогаш оптимистички, убаво, очекуваш подобро, повесело, поздраво, побогато.“
„Одлично се да биде.“
„Моите очекувања? За мене, лично, да има добро здравје, среќа за сите, да ни се исполнат сите желби, се најубаво.“-рекоа дел од граѓаните.
Советниците во Советот на општина Охрид пак најоптимистички расположени околу нивната заедничка работа во служба на граѓаните.
Во 2014 година очекувам имплементација на еколошките проекти кои се за заштита на Охридското езеро, и целокупниот регион, подобра туристичка промоција на регионот, подобра организација во самиот град и во регионот, а во политичкиот дел пак, очекувам нормално напредок на Охрид, многу поголем и порадикален од оној што го имавме во 2013та година.“-вели советникот Дејан Паноски.
„Коректно да ги извршуваме планираните работи пред се планираните обврски на советниците и на Советот, но и програмите кои што ги следиме, развојните програми на јавните претпријатија, општествените дејности, и со позабрзан чекор да носиме важни одлуки за градов кои ќе бидат навистина многу значајни за развојот пред се за доброто на граѓаните.“-изјави советничката Жаклина Лазареска.
„Се надевам 2014та ќе биде успешна година. По дефиниција успехот, се она што е различно, позитивно во однос на оваа година, а периодот кој доаѓа, наредните три години е период кога ние ќе се покажеме и докажеме.“-вели советникот Ангел Јанев.
„Веруваме во сите советници заедно со градоначалникот, дека нареднава година ќе успееме да ги вратиме долговите, и ќе успееме да ги тргнеме тие цесии и компензации, да биде се во делот на она искрено работење.“-рече советникот Климе Шешоски.
„Сметам дека оваа 2014та треба сите, со заеднички сили, безразлика на политичката опција, да се замислиме, да седнеме, нешто да сработиме на тоа поле, односно да се понуди една подобра и посветла перспектива за младите во Охрид.“-изјави советникот Јоне Станкоски.
Желбите за секоја наредна Нова Година се секогаш убави, позитивни, ние немаме друго освен цврсто да веруваме и да бидеме оптимисти дека утре ќе биде, дека утре мора да биде подобро. Можеби затоа секоја наредна година секој се обидува да го даде својот придонес во враќањето или будењето на празничниот дух кој некако како да се сокрил длабоко во нас. И неодминливите новогодишните тезги се тука, и чаршиските бутици украсени, ја имаме и новогодишната елка и светлечките топки, годинава дури и лизгалиште на мраз. Дали тие доволно го подигаат духот, дали ја враќаат веќе изгубената празнична магија, тоа не знаеме, она што сигурно го знаеме, е дека Новата година мора да биде подобра од претходната, и ние мора да веруваме во тоа. Нека ни биде среќна оваа Нова 2014 година.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град