Планираниот Конгресен центар, кој требаше да се гради на полигонот за мали спортови во Охрид, ги соочи ВМРО-ДПМНЕ и Локалната.
Што е со ветувањето за изградба на Конгресен центар? Прашуваат од О.К на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. Горан Патчев, претседателот на Комисијата за урбанизам од оваа партија, потсети на ветувањето на градоначалникот Александар Петрески од пред повеќе од три години, дека на просторот каде се наоѓаше спортскиот полигон многу скоро ќе започне да се гради Конгресен центар. Патчев додаде дека градоначалникот ова го издоговорил со менаџерите на А.Д. Гранит кој и е сопственик на земјиштето.
„Но, знаејќи ги манипулациите на Петрески не би не зачудило ако со овој простор се калкулира и на него се сака да никнат станбени згради и објекти. Охрид има Градоначалник на кој никој веќе не му верува па затоа не веруваме ниту на тоа дека ќе ги одржи ветувањето ниту пак дека ќе го почитува планот за овој простор знаејќи ја неговата лакомост за изградба на станбени згради“, рече Патчев.
На истото место, половина час подоцна, прес на Локалната. Градоначалникот Петрески им порача на ВМРО-ДПМНЕ да не обвинуваат за нешто што не постои, туку да им одговори на граѓаните за целиот зулум што го направиле во државата, како за тоа зошто не е направена болницата во Охрид, зошто е во вакава состојба здравството во земјата и зошто целото стопанство во Охрид не функционира. Исто така тој побара од ВМРО-ДПМНЕ да одговорат, зошто градскиот полигон кој беше некогаш општински, за време на нивното владеење, стана приватен.
„Јас го носам Урбанистичкиот план, каде на ова место во градскиот стадион е планирано да се направи конгресен центар и ова не е мое ветување, како што спомнав полигонот е приватна сопственост и сопственикот на оваа парцела може да прави она што е предвидено во урбанистичкиот план. Кога тој ќе почне да прави тоа е приватен интерес, јас не можам да кажам“ објасни Петрески.
Петрески убедува дека на оваа локација според важечкиот УП е предвидена изградба на Конгресен центар со сите пратечки содржини, додека од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека новиот тим кој ќе го води Охрид ќе ги одржува ветувањата, ќе работи законски и совесно и ќе ги спроведе плановите и политиките на најдобар начин за иднината на Охрид.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град