Стевоски: Денешниот ден нема да биде ист со утрешниот и ќе дојдат подобри времиња

Денешниот ден нема да биде ист со утрешниот и ќе дојдат подобри времиња, ова е животното мото на Стевче Стевоски, кандидатот за градоначалник од партијата Демократи. Мотивот за да се кандидира за градоначалник му е Охрид да се врати на вистинскиот пат на развој и просперитет.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Денешниот ден нема да биде ист со утрешниот и ќе дојдат подобри времиња, ова е животното мото на Стевче Стевоски, кандидатот за градоначалник на Охрид од партијата Демократи. Стевоски основно образование завршил во ОУ „Св. Наум Охридски„ во Пештани, средно полициско училиште завршил во „Елисие Поповски- Марко“ во Скопје по што, во 1987година се вработил како милиционер. Вонредно завршил факултет за безбедност и се стекнал со звање дипломиран правник криминалист на Факултетот за безбедност во Скопје. Желбата за оваа професија ја имал од најмали ноѕе бидејќи секогаш се борел за правда, а тој лично многу пати бил обесправен и омаловажен.

Во животот сум се соочувал со разни предизвици како во секојдневието така и во професијата, но секогаш ме водела мислата дека денешниот ден нема да биде ист со утрешниот и ќе дојдат подобри времиња, вели Стевоски.

Имав тешко детство, исполнето со сиромаштија и многу работа. Моите родители ме добиле на подоцнежни години па јас чуствував потреба да им помагам и да извршувам дел од секојдневните обврски. Немав време за детски игри, но не се жалам бидејќи тоа ме направи трудољубив . Се гордеам бидејќи моите родители беа материјално сиромашни, но многу богати по дух, чесни и домаќини.

Знаев што значи сиромаштија, знаев што значи човек да нема и затоа одговорно ви тврдам дека никогаш не сум ги потценувал ниту санкционирал луѓето чии раце се потечени од работа. Ако направеле некаков прекрѓок секогаш сум изнаоѓал начин како најбезболно да бидат казнети, бидејќи знам дека тие што се работници се најчесните луѓе и не згрешиле намерно. Во животот никогаш не сум казнувал по национална основа, никогаш не сум ги делел луѓето по вера или нација, туку секогаш сум им се спротиставувал на оние кои ги угнетувале обесправените граѓани, вели Стевоски

Тој е оженет, има два сина кои сакале да тргнат по неговите стапки, но не биле примени во средната полициска школа и покрај тоа што успешно ги поминале сите тестови и обуки поради како што вели, реваншизам кон него заради борбата со корупцијата. Тие сега се реализирани личности, вредни и посветени на своите професии. Стевоски со насмевка вели дека ако за нешто во животот имал најмногу среќа тоа е што ја избрал својата сопруга за животна сопатничка. Таа вели е столбот на куќата и моја голема поддршка. Живеат во Елшани, во семејната куќа на неговите родители и на крај памет не им доаѓа да се преселат на друго место. Стевоски вели дека за него Елшани е парчето рај на земјава каде го наоѓа својот мир.

Местото каде што јас живеам е место за релаксација. Моментално правам градина на една парцела каде што е претежно каменесто место. Физичката работа мене ме одмара. Ако еден човек сака да се релаксира тоа може да го направи само со физички замор, тогаш исчезнува и психичкиот, вели Стевоски.

Веќе една година е во пензија со бенифициран стаж, иако има само 52год. Но, неговиот немирен дух не му дозволува да се чуствува како пензионер. Постојано е во движење, времето му е исполнето максимално, а денот му започнува во 5 часот наутро. Нема некои посебни утрински ритуали како пиење кафе или чај, но не пропушта рано наутро додека уште сонцето срамежливо се буди да прошета по својот двор и градина. Одгледува домашни животни, кози, свињи, произведува органска храна, а дома сопругата ги приготвува сите традиционални стари јадења како ѓомлезе, комат, питулици, домашно кисело млеко и сирење. Стевоски вели дека не е љубител на ресторани, а домашната храна ништо не може да ја замени.

Слободно време немам, за мене секое време треба да е искористено за работа, планирам да се повлечам од активниот јавен живот после 65год. Кога и останатите граѓани се повлекуваат по редовна постапка така што и во наредните години јас ќе бидам активен на политичката сцена и во Охрид и во Македонија се со единствена цел да го направиме Охрид и Македонија подобро место за живеење, вели Стевоски.

Тој во 2018 регистрирал здружение на граѓани, жртви на мито, корупција и мобинг на кое е претседател и вели додека е жив ќе се бори против неправдите и криминалот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top