Стартуваше проектот „Млади амбасадори на живиот свет во Охридското Езеро“

Започнa реализацијата на  проектот „Млади амбасадори на живиот свет во Охридското Езеро“, проект со кој ќе се подобри едукација на учениците за заштитата на животната средина, вредностите на Охридско Езеро како и рибниот фонд во него.

 |  Голабовски Крсте  | 
predavanja
предавања

Мал е бројот на учениците од Охрид и Струга кои знаат какви риби живеат во Охридското Езеро. Се надеваат дека преку проектот „Млади амбасадори на живиот свет во Охридското Езеро“ и предавањата за живиот свет во него, во голема мерка ќе ги зголемат не само нивните знаења за рибниот фонд, туку и знаењата за вредностите на езерото и заштитата на животната средина.

broshura„Јас пред да се одржи овој час не бев доволно запознаена со животинскиот свет во Охридското Езеро.Мислам дека со ваквите часови, преадавања лично јас а и останатите ќе се запознаат со убавините на Охрид и животинскиот свет на Охрид“.

„Јас сум повеќе запознаен со рибите во Охридското Езеро, ловам повеќе години од мал, така да знам повеќе риби од Охридското Езеро, ноовие часови мислам дека многу ќе им помогнат на децата да ги запознаат рибите во Охридското езеро“.

Здружението „Јадрански слив“ кое е носител на овој проект, неодамна  спроведе анкета помеѓу основците и средношколците во Охрид и Струга, анкета која откри навистина зачудувачки резултати за тоа колку малку нашите деца го познаваат животинскиот свет кој живее во  Охридското Езеро.

Радован Димитриески од здружението „Јадрански слив“ истакна дека сите видови риби кои живеат во Охридското Езеро, не ги знаеше ниту едно од децата.

videobim„По извршената анкета на 500 ученици од основно и триста од средно образование дојдовме до фрапантни податоци дека 100 проценти од учениците не ги знаат сите видови на риби, 94 проценти знаат само четири видови риби, а 92 од испитаниците не можеле да ги разликуваат пастрмката, крапот и белвицата. Од таа причина се одлучивме да аплицираме за овој проект, бидејќи, срамота е ученици од град на вода да не ги знаат рибите кои живеат во Охридското Езеро“, објаснува Димитриески.

Професор Д-р Трајче Талевски од Хидробиолошкиот институт во Охрид, истакна дека непознавањето на рибниот фонд во езерото претставува огромен минус за образовниот систем, но и општо за сознанијата кои младите  ги имаат во врска со рибите во Охридското Езеро.

„Ако Охридското Езеро го препознаваме само преку охридската пастрмка тогаш тоа е голема грешка. Во Охридското Езеро живеат и голем број други видови риби коишто се многу значајни за историјата на развојот на езерото, за науката, но и за целиот еко-систем. Во Охридско Езеро живеат и други дваесеттина видови риби коишто се битни за науката и екосистемот во целина“ потенцира Проф.Д-р. Талевски.

Дејан Паноски од Билатералниот секретаријат за води истакна дека новата генерација мора да ја има таа еколошка подлога за да може да гради подобар свет којшто ќе биде базиран на основите на заштита на природата.

Податоците од спроведената анкета беа и основната причина поради која здружението започна со овој проект, а вакви предавања,  ќе се одржуваат и во останатите основни и средни училишта во Охрид и Струга. Првото предавање, Здружението „Јадрански слив“ го одржа во Основното училиште „Христо Узунов“.

Проектот „Млади амбасадори на живиот свет во Охридското Езеро“ е финансиран од АД Електрани на Република Македонија. Брошурите што им беа доделени на учениците ги изработи ПН Метал од Охрид.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top