Станари на зграда и хотел се обвинуваат меѓусебно за создавање депонија

Станари на станбена зграда и хотел одлагаат одпад на иста локација и се обвинуваат меѓусебно за создавање депонија и расфрлање на отпадоци низ околното зеленило. Од ЈП Охридски комуналец велат дека подигнуваат огромни количини отпад вдолж источното крајбрежје во делот на хотелите, вилите и апартманите. Екипите кои работат во три смени и подигнуваат отпад почесто од законската обврска наидуваат и на проблеми, велат од претпријатието.

 |   | 

На паркингот пред х. Белведере се создава депонија, обвинуваат станари на соседната станбена зграда. На просторот каде се поставени садовите за отпад има големи количини амбалажа и комунален отпад надвор од контенјерите, а добар дел завршува и во околното зеленило. Станарите до нашата редакција испратија и снимки како потврда дека дел од огромните количини отпад кои секојдневно ги генерира хотелот, завршува надвор од контејнерите. Велат дека службите од ЈП Охридски Комуналец доаѓаат скоро секоја втора вечер меѓутоа ги празнат само контејнерите, но не и расфрланата амбалажа и ѓубре надвор од нив.

Постојано гледаме како се изнесуваат амбалажа како отпад, најверојатно од хотелот во близина, меѓутоа луѓето од зградата не знаат кому да се обратат. Мене ми е многу жал што ова ѓубриште го гледаат сите туристи кои доаѓаат во Св Стефан. Мене ми е јасно дека не сме во централно градско подрачје, меѓутоа ова е најубавиот дел на охридското крајбрежје и навистина ми е жал што трета недела луѓето што доаѓаат во посета постојано ја имаат оваа слика пред себе – вели Антоанета Иванова, станарка.

Од Хотел Белведере пак со контраобвинување. Велат дека тие ги пријавиле станарите на зградата дека формирале депонии од смет уште во времето кога хотелот не работел поради пандемијата. Вработени од хотелот го чистеле паркингот и околното зеленило и од нивниот отпад затоа што зградата немала сопствен контенјер.

Ние сеуште го чистиме ѓубрето на станарите од соседната зграда за да не се срамиме пред нашите гости. Станарите на зградата сеуште фрлаат отпад во нашите отворени контенјери и околу низ зелениот појас – велат од хотел Белведере.

Охридски Комуналец подигнува огромни количини отпад вдолж источното крајбрежје во делот на хотелите, вилите и апартманите на потег од Билјанини Извори до Св Наум. Со цел да не се трупа отпад претпријатието ја надминува законската обврска за подигнување на комуналниот отпад од два пати неделно.

Но во интерес на туризмот, бидејќи Охрид е еден од најпосетените туристички центри во Македонија, ЈП Комуналец секоја година прави напори подигнувањето на отпад да се врши секојдневно. Поради тоа имаме негативни финансиски импликации на товар на претпријатието, но во интерес на граѓаните – вели Стефчо Маслов, помошник директор ЈП Охридски Комуналец.

За случајот со станбената зграда и хотел Белведере, Маслов вели дека проблемот се создава затоа што станарите од зградата и вработените од хотелот вршат мешање на картон амбалажата со комуналниот отпад, а до пред неколку дена зградата немала сопствен контејнер. Истиот им бил обезбеден од страна на ЈП иако било обврска на инсвеститорите на зградите.

Според европските директиви мора да се врши примарна и секундарна селекција на отпад, односно одделување на картон амбалажата од комуналниот отпад. Различни екипи подигнуваат различен вид отпад. Картон амбалажата се подигнува од 17 часот се додека има потреба, а потоа во трета смена се подига комуналниот отпад – вели Маслов.

Маслов посочува дека екипите во делот на хотелите наидуваат на проблем со пристапноста на местата каде се врши одлагање на отпад поради паркирање на возила покрај самите контенјери, но и во такви случаи вршат известување до хотелите и вонредно подигање отпад наредниот ден.

 

 

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top