Српските туристи се враќаат во Охрид

Српските туристи се враќаат во Охрид. Општината заедно со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија се претставија на туристичкиот саем во Белград каде биле склучени повеќе договори со туроператори кои се зинтертесирани Охрид да го нудат како дестинација број еден за ова лето.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Природните убавини на Охрид, културното богатство како и посебната гастрономска понуда повторно го освојуваат српскиот туристички пазар.  Општина Охрид преку штандот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, успешно се престави на најголемата туристичка смотра на Балканот, Белградскиот саем за туризам кој се одржа од 23 до 26 ти февруари а на кој се претставија преку 1200 излагачи од целиот свет. Во текот на четирите саемски денови претставниците на општина Охрид преку видео презентација и печатен материјал пред посетителите и претставниците на туристичките организации, туроператори и туристички стопанственици од регионот ги презентираа најновите информации за актуелната туристичка понуда на охридската туристичка дестинација и ги споделија сите потребни информации со потенцијалните гости и партнери. Интересот за Охрид како туристичка дестинација бил многу голем, кажува раководителот на ТЛЕР Ѓоко Апостолов.

Јас сум сигурен дека и оваа година ќе имаме зголемен број на гости од Србија. Не би можел да кажам дека таа бројка може да се спореди со бројката која ја имавме пред десеттина години но сепак после неколку годишна стагнација на гостите од Србија бројот повторно е во нагорна линија и се надевам дека преку вакви настани Охрид  повторно ќе го доближиме до гостите од Србија, вели Ѓоко Апостолов, раководител на ТЛЕР.

Секторот за туризам и локален економски развој и овој пат во рамките на саемските денови, ја реализираше туристичко-промотивната манифестација „Охридска вечер и охридски денови“ како облик на директен туристички маркетинг и приближување на Охрид кон граѓаните и потенцијалните гости. Промотивната вечер и гастрономските охридски денови овој пат се реализираа во партнерска соработка со македонското здружение “Кочо Рацин” од Белград и ресторанот „Венеција“ во Земун. Во текот на четирите денови од промотивната кампања во ресторанот „Венеција“ се подготвувле традиционални охридски специјалитети како тресена пастрмка, селско месо, чомлек па охридското мени наишло на голем интерес кај мештаните, минувачите и гостите.

Интересот беше навистина огромен, голем број луѓе доаѓаа во ресторанот и буквално не можеше да се најде слободно место земајќи ја во предвид атрактивноста која ја нудеше македонското мени и кое се нудеше за тие неколку дена. Сметам дека на овој начин се доближи она што го нудиме како туристички производ во Охрид на сите потенцијални гости од Србија и на сите останати љубители на добра храна и пијалок, вели Апостолов.

Според оценката на голем број деловни партнери, медиуми, дипломати и туристички работници  кои присуствувале на промоцијата, ова била една од најуспешните презентации на туристичката, гастрономската и културната понуда на Охрид во Земун и во Белград. Посебно голем бил интересот кај новинарите и репортерите од различни медиуми направиле повеќе интервјуа и телевизиски прилози. „Илустрована политика“, НИП “Неделник”, „Радио Београд 202“, РТС преку Жикината Шареница , туристичкото списание „Туристички свет“биле само дел од нив. Ваквата промоција се очекува високо да го позиционира Охрид на мапата на најпосакувани туристички дестинации во регионот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top