Средношколските установи преку дискусии со младите на часовите и вметнување социјални содржини се обидуваат да делуваат на продлабочување на свеста на децата за семејното насилство.
Во образовен систем кој според многу експерти, како и голем број на професори се занемарува воспитната функција на образованието, средношколските установи со работа на класни часови и вметнување содржини во редовните часови се обидуваат да ги дискутираат темите кои се однесуваат на насилството заедно со своите ученици. Според директорката на средното општинско стручно училиште „Св.Кирил и Методиј“, Славица Костоска, и покрај пребогатите наставни планови тие се обидуваат во рамки на редовната програма да ги вметнуваат поучните теми со кои училиштата мора да се занимаваат.
„Наставниот кадар е задолжен со по неколку часа во учебната година преку наставните планови, програми и лекции кои се предаваат да се надоврзат на одредени теми како што е насилството, спречување на семејно насилство, стоп на пороците кои ги демнат младите, меѓуетничката интеграција, сите овие теми меѓу кои и оваа на која денес ставаме акцент, насилството, се застапувани и гледаме од тип на работилници, од тип на презентации, самостојно настапување на децата со свое мислење за ваквите проблеми да го поттикнеме нивното размислување на оваа тема.“-вели Костоска.
Темата на семејното насилство, било тоа физичко или психичко, беше опфатена и на денешната работилница на женскиот центар „Бисера“ одржана токму во средното стручно училиште „Св.Кирил и Методиј“. Претседателката на „Бисера“, Наде Мартиноска вели дека младите најчесто иако го препознаваат, не го земаат во предвид психичкото насилство. Додава дека иако во минатото семејното насилство било табу тема и приватност на семејството, сега, благодарение и на бројни законски измени тоа веќе не е така.
„Токму заради тоа и ние како една женска група обрнуваме внимание на тоа насилство, меѓутоа младите треба да го препознаат тоа насилство и треба да знаат какви видови на насилство има. Исто така им зборуваме и за насилството меѓу младите, она што може да се случи и во училиштата, за жал, имаме такви случаи меѓу самите млади. Нашите едукаторки кои што се дел од женски центар „Бисера“ токму и на тоа обрнуваат внимание, како треба да се однесуваат, и со паровите кои што се со нив, девојката, дечкото, треба да знаат иако има конфликт, иако има некој проблем, треба да си го разрешат и мирно да се разидат, а не тоа да остави последици и меѓу нив да постојат такви насилни настани.“-рече Мартиноска.
Ова не е прва ваква работилница организирана од женскиот центар „Бисера“. Тие повеќе од 22 години работат на превенција, особено на семејното насилство. Мартиноска вели дека секоја година ги опфаќаат сите средни училишта со вакви работилници, работејќи со децата од втора, трета и четврта година.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град