Средба на Бакрачески со охридските ракометари

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески им го честита историскиот успех на охридските ракометари, после вчерашната победа над холандски Волендам и пласманот во второто коло на ЕХФ купот.

 |   | 

Ракометна Македонија и Балканот, на Охрид и ракометот кој тука се игра, од вчера гледаат со поинакви очи. Охридскиот ракометен клуб не е екипа чиишто успеси се случајни, туку се плод на макотрпната работа, талентот и искуството кое охридските ракометни момчиња го вложија во овој период, истакна градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески на денешната средба со „гладијаторите“.

„Да ви се заблагодарам на вас кој што направивте охриѓани да бидат горди на успехот кој го постигнавте и да направите победнички дух меѓу охриѓани не само во ракометот и не само во спортот. Успесите во спортот се дел од подигање на психологијата на една заедница како охридската и нас тоа ни треба“ рече Никола Бакрачески – Градоначалник Охрид.

Охриѓани го елиминираа холандски Волендам дури во последната минута од двомечот во „Билјанини извори“, со победа од 24-23. Одеа по работ во завршните десет минути од реваншот, но успеаја да слават по првиот наптпревар кој заврши со резултат 24-24. Горан Андоноски тренерот на Р.К Охрид 2013 се заблагодари на локаланата за финансиската подршка на клубот и кажа дека за него, овој успех буквално бил остварување на неговите сништа.

„Овој момент го сонував пред години и имав некоја надеж уште пред 4 години кога ни се дадде шанса во Супер лигата дека ќе стигнеме до некое ниво во македонскиот ракомет, но дека ќе стигнеме до ова ниво навистина сакам да кажам дека сонував“, кажа Горан Андоноски – тренер Р.К Охрид 2013.

На играчите, за успехот, вложениот труд и храброста им се заблагодари и нивниот соиграч, капитенот на екипата, Крсте Андоноски.

„Честитки до соиграчите, кои на секој натпревар го даваат својот максимум, така беше и на овој натпревар, односно на овие два натпревари со екипата на Волендам, успеавме да ги совладаме, еден натпревар изигравме нерешено, но тоа е доволно да одиме во следната фаза каде не чека „Порто“ големо име во европскиот ракомет, е фаворит, но се надевам дека ќе успееме да го дадеме максимумот и ќе успееме да ги изненадиме“ истакна Крсте Андоноски – капитен Р.К. „Охрид 2013“.

Првиот настап на гладијаторите во европските конкуренции ќе продолжи против екипата на Порто, во второто коло, кој ќе биде апсолутен фаворит.

„Јас можам да ветам само дека ние како екипа ќе го дадеме максимумот на секоја утакмица, како европска така и македонска, да ја оправдаме вашата доверба и интуиција во нас и граѓаните и навивачите на Р.К Охрид да ги направиме горди со секој натпревар“ порача Благојче Трајкоски – голман Р.К. „Охрид 2013“.

На крајот н средбата градоначалникот на Охрид доби дрес од охридскиот ракометен клуб со број еден. Првиот меч од втората квалификациска рунда се игра на 7/8 октомври додека реваншот 14/15.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top