Десетти ден од најголемата статистичка операција во земјава, пописот на населението и домаќинствата во Република Македонија. Ред се редат обвинувањата пред се на сметка на Државната пописна комисија. По скандалот во кој припадниците на заедницата на еѓипјаните тврдеа дека не им се дозволува да работат на терен, сега уште една реакција стигнува од претставниците на Балканскиот политички форум. Тие пред се реагираат на големиот број непополнети места на попишувачи од албанската заедница. Директорот на регионалниот огранок на Балканскиот политички форум, Есад Аслани, вели: „Доколку навреме се започнеше овој попис, секако дека ќе имаше доволен број на попишувачи од албанската заедница.“ Тие изјавија дека нема да ги признаат резултатите на пописот.
„Како што одат работиве на терен, уште комисииве не се оформени, на инструкторите сеуште им недостигаат попишувачи од една или од друга заедница, сеуште не можат да се докомплетираат. Огорчени се децава, младинава затоа што не ги викнаа навреме да го научат начинот на попишување, структурата. Сега одат и од улица ги земаат децава, некои и се откажуваат. Поради тоа мислам дека овој попис нема да заврши навреме или дека ќе е успешен.“-вели директорот на регионалниот огранок на Балканскиот политички форум, Есад Аслани.
Реонската пописна комисија излезе со сосема спротивен став. Претседателката на пописната комисија од пописен реон 21, Весна Лекоска вели дека проблемот со недостиг на попишувачи пред се од албанска националност е веќе надминат. Лекоска додава дека листата на кандидати пријавени на конкурсот објавен од Државната пописна комисија е целосно исцрпен, а останатиот број на попишувачи кои недостигаат биле пополнети со попишувачи од останатите етнички заедници. Во реонската пописна комисија задоволни од правецот во кој се движи пописот и со очекувања за реални резултати. Имено токму денес реонските пописни комисии во Охрид и Битола ќе бидат посетени и од набљудувачите од Европската унија, Жан Мишел Дур и експертот за постпописно истражување, Рожа Габор. На што ќе наидат двајцата експерти во нашиот пописен реон и како ќе биде оценет самиот процес на попишување, останува да видиме во некој нареден билтен на Државната пописна комисија.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град