Спринтерот Стојоски, нашата олимписка надеж, на подготовки во Охрид

Јован Стојоски, најдобриот македонски атлетичар според Меѓународната асоцијација на атлетски федерации, рекордер во спринтерски дисциплини и наша олимписка надеж деновиве престојува во Охрид.  Два пати дневно тренира на тартанот во СРЦ Билјанани извори подготвувајќи се за летните Олимписки игри во Токио.  Екипата на ТВМ  присуствуваше на денешниот тренинг на Јован и поразговара за тоа како ја одржа мотивацијата во пандемија, за неговиот матичен клуб Охрид и за неговите планови.  

 |   | 

Атлетичарот Јован Стојоски, рекордер во спринтерски дисциплини и македонската олимписка надеж,  деновиве престојува во Охрид на подготовки за Олимписките игри во Токио кои треба да започнат на 23. јули.  Одложувањето на Олимпијадата за една година поради пандемијата не му паднало лесно на Стојоски но вели дека мотивацијата не му се намалила. Негова цел во Токио е поставување на нов личен рекорд.

„ Олимпијадата секако е најголема манифестација во спортот. Сонот на секој спортист е да се натпреварува на Олимпијада. Се откажа за една година но уште сум млад , имам 23 години. Добив време уште подобро да се подготвам. Јас така гледам на тоа. „

Јован Стојоски, се натпреварува во повеќе спринтерски дисциплини.  Негов најдобар резултат е 46,92 секунди на 400 м  кој го постави токму на патеката во Охрид.

„ Но многу ми е драга и трката од 2019 год во Скопје на Куп Европа кога победив на 100 м , 200 м, а како најголем успех во мојата досегашна кариера сигурно е 6тото место на европското првенство за помлади сениори до 23 години во Шведска во 2019та. Тогаш бев прв Македонец во историајта на македонската атлетика кој влезе во финале на такво големо натпреварување. “

Јован Стојоски е актуелен државен првак на 100,200 и 400 метри. Тој е носител на четири државни рекорди на 200 и 400 метри во сала и на отворено. Сакам да станам најдобар атлетичар на сите времиња на Македонија, да ги соборам сите рекорди во спринт, вели овој млад атлетичар.

„ Главна цел во спортската кариера ми е да освојам европски медал. Мислам дека тоа е реално остварливо доколку се потрудам. На добар сум пат и тоа ми е приоритет да бидам меѓу првите три места во Европа. “

Јован живее во Белград, каде тренера под стручниот надзор на  Марина Мишиќ но, поради неговото македонско потекло тој е член на  АК Охрид.

„ Јован ни е најдобриот атлетичар досега во историјата на клубот според светската таблица на бодови која ја добиваат атлетичарите. “ –  изјави Пеце Неданоски, претседател на АК Охрид.

Стојоски е стипендист на МОК. Вели дека е задоволен и од поддршката која ја добива од Атлетската федерација на Македонија, АКОхрид, Општина Охрид.

„ Мое е само да тренирам. Јас гледам да го завршам мојот дел од работата, да тренирам и дадам се од себе. Сигурно дека секогаш може подобро но атлетиката не е толку популарен спорт во Македонија како ракометот или фудбалот и помалку се вложува во овој спорт, но така е во индивидуалните спортови, малку потешко им е отколку во екипните.“

Атлетиката е најдобар спорт со кој треба да почнат да се занимаваат децата од најмала возраст. Детето прво треба да научи да трча затоа  атлетиката  е базичен спорт како и гимнастиката или пливањето. Потоа може да продолжи и со друг спорт но многу е важен спортот генерално за младите за да ги изгради како луѓе.  

„Јас сум во спортот цел мој живот досега.  Далеку од улицата , што би се рекло, постојано сум на тренинзи и тоа некако ми е рутина. Секако дека тоа од мене направи подобар човек.  Спортистите пред се се многу дисциплинирани , посветени , лојални и слично. Спортот те гради како личност, како човек.“

Во недела со македонската репрезентација патува за Црна Гора на подготовки во Бар. Таму на 1ви мај ќе настапи на силен меѓународен атлетски митинг. После тоа во средина на мај го очекува настап на Куп на Македонија, па Куп на Европа на Кипар и долгоочекуваниот настап на Олимпијадата во Токио.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top