Светиот триаголник конечно ќе се оформи. Споменикот на Свети Наум кој треба да го комплетира посакуваниот изглед на плоштадот денес ги доби своите темели. Градоначалникот Петрески и градските советници засукаа ракави и учествуваа во поставувањето на темелите на овој грандиозен споменик. Вредноста на споменикот изнесува 160 000 евра-вели градоначалникот Петрески.
Свети Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски и Свети Наум. Ова се трите споменици кои го формираат таканаречениот „свет триаголник.“ За да се комплетира оваа замисла единствено недостигаше споменикот на Свети Наум кој денес ги доби своите темели. Првата лопата малтер ја фрлија градоначалникот Петрески и градските советници кои засукаа ракави и учествуваа во овој свечен момент.
„Еве после повеќе од 20 години се реализира идејата дадена од академик Цветан Грозданов, на Охридскиот плоштад да бидат трите споменици од Кирил и Методиј, од Свети Климент и еве од Свети Наум. Знаете пред неколку години се постави споменикот на Св.Климент, еве на 3ти Јули оваа година на летниот Св.Наум ќе се постави споменикот на Св.Наум. Јас за таа цел како локална самоуправа дадов соодветни одлуки што требаше да се донесат.“-рече градоначалникот Петрески
Петрески ги поздрави и им се заблагодари на сите учесници во овој проект, почнувајќи од советниците на град Охрид, па се до Министерството за култура за нивната финансиска подршка и изработувачот на овој грандиозен споменик, академик Томе Серафимоски. Петрески додаде дека се работи за квалитетно изработен споменик чија цена изнесува 160 000 евра.
„Започната е завршната фаза, денес е поставувањето на камен темелник на постаментот. Споменикот е веќе излеан, се наоѓа сеуште во Белград, во ливницата „Браќа Јеремиќ“. Негде околу 29ти, 30ти овој месец ќе биде пристигнат во Охрид и поставен на постаментот околу 1ви, 2ри Јули. Свеченото откривање ќе биде на 3ти Јули, односно на летен Свети Наум.“-вели советникот Јоне Станкоски.
Станкоски додава дека благодарејќи на добрата волја на скулпторот, академик Серафимоски, заедно со споменикот на Свети Наум, од Белград ќе пристигне и гипсена фигура на Свети Наум како подарок за општина Охрид за која сеуште се размислува каде да биде поставена. Споменикот на Свети Наум заедно со постаментот ќе биде висок 5 метри исто како споменикот на Свети Кирил и Методиј. Тој ќе биде поставен во паркот веднаш наспроти Охридската капетанија.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град