Спектакуларен концерт на гимназијалците од Охрид

Спектакуларен концерт на гимназијалците од Охрид. Тие синоќа во преполнетата сала на Центарот за култура „Григор Прличев“, без здив ја оставија публиката која уживаше во прекрасните музички изведби на младите солисти, хористи и членови на оркестарот.

 |  Николоска Биљана  | 

Денот на пролетта во Охрид го донесоа младите музички таленти од охридската гимназија „Св Климент Охридски“. Во духот на младоста, среќата, љубовта тие синоќа во организација на Лајонс Клубот Охрид, а одлично подготвени од нивните ментори професорите Александар Димоски и Љупчо Аслимоски приредија еден незаборавен концерт кој ја воодушеви публиката во преполнетата сала во ЦК „Григор Прличев“.

Претседателот на Лајонс Клубот Охрид, Александар Гоџо сеуште е под голема импресија од синоќешниот концерт. Тој вели дека нивна работа било да обезбедат сцена со професионална бина, светло, звук, мониторинг и најважно од се топла сала, а останатото го препуштиле на учесниците. Гоџо со нескриени страсти зборуваше дека досега толку спонтан, а пред се професионален настап одамна немало во нашиот град. Смета дека вакви настани треба да има барем еднаш во неделата ценејќи дека со тоа се пополнува еден празен преоден простор помеѓу зимата и летото.

Концертот беше интерактивен, така што после секоја музичка точка, претставник од Лајонс клубот Охрид ги коментираше настапите и им поставуваше прашања на изведувачите околу изброт на музичките теми со кои се претставија. Интересно беше тоа што изборот на песните бил препуштен на самите изведувачи, што било прифатено и од професорите и од организаторите.

Гоџо на синоќешниот концерт му дава висока оценка, бидејќи децата испеале фантастично а чувството на повеќето од присутните било дека следат концерт на музички професионалци. Овој концерт според Гоџо треба да биде и една порака кон сите општествено одговорни компании, стопанственици, секој според своите можости да допринесе да се реализира по некој настан со цел да се издигне културата во нашиот град, инвестирајќи во трајните вредности.

Гоџо ветува дека Концертот по повод денот на пролетта ќе прерасне во еден респектабилен традиционален настан бидејќи младите музички таленти од нашиот град го заслужуваат тоа. Собраните средства од овој хуманитарен концерт ќе бидат наменети за подигање на квалитетот на образовниот процес, културата и социјалниот живот на средношколците во градот.

Инаку покрај хорот и оркестарот на охридската гимназија настапија и 15 солисти: Ивана Коскоска, Ирма Гогова, Тамара Чепуњоска, Марија Веровска, Ангела Крлеска, Викторија Донеска, Анастасија Јованоска, Ѓорги Пандо, Ристе Лекоски, Петар Тодороски, Ангела Стефаноска, Емилија Петроска, Ева Марија Баткоска, Марија Трпеска и Михаил Илиоски. Дел од изведбите на солистите од синоќешниот концерт можете да ги погледнете на овој линк.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top